Адвокатот на Груевски зел најмногу пари од државните институции


Никола Додевски со години бил најплатениот адвокат од државните институции. Тој не само што во суд ги бранеше ВМРО-ДПМНЕ и лично поранешниот премиер Никола Груевски, туку бил и на платниот список на повеќе државни компании. Најголем ќар имал од Ј.П. Водовод и канализација – Скопје, односно за три години (2016, 2017 и 2018 година) му се исплатени вкупно 272.876 евра, пренесува Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ).
Додевски бил водечкиот адвокат според исплатените суми и на државните фирми ЕЛЕМ и МЕПСО. Од ЕЛЕМ му се искеширани 158.000 евра за период од 6 години, а од МЕПСО за четири години наплатил 47.000 евра за адвокатски услуги, говорат податоците на ИРЛ добиени според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од 2007 до 2018 година ЕЛЕМ или сега ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) има исплатено најмногу пари за адвокатски услуги. Вкупно 1.176.000 евра, од кои 461.000 евра на домашни адвокати. Од нив една третина или 158.000 евра зел Никола Додевски.