Адвокатот ја повлекол иницијативата до Врховен суд за помилувањата на Иванов


Врховен суд (Фото: Б. Грданоски)

 

Адвокатот од Скопје, Миле Наумовски, денеска ја повлекол иницијативата што ја поднесе до Врховниот суд за утврдување начелен став и начелно правно мислење за помилувањата од поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, објави „360 степени“. Оваа неога иницијатива од многумина беше протолкувана како обид за оживување на аболициите.

На прашањето зошто се одлучил на ваквиот чекор, Наумовски одговорил дека причината се донесените измени на Кривичниот законик, бидејќи во иницијативата во најголем дел се осврнал на членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување. Адвокатот сега не гледал потреба највисокиот суд да одлучува по ова прашање бидејќи со измените се намалени казните за кривичните дела опфатени во овој член, кои претходно беа над пет години, а сега максималната казна е до пет години.

Инаку, Врховниот суд во случајот „Транспортер“ постапувајќи по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, веќе се изјасни дека помилувањата на Иванов не важат. Од извори во судот беше наведено дека иницијативата на скопскиот адвокат била ставена во процедура.