Адвокатката на Трамп бара да се смени директорката на ЦИА

САД – Сидни Пауел, законскиот застапник на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, изјави дека Џина Хаспел, директорката на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), треба да биде „сменета“ затоа што немала забелешки и не се огласила за употребата на изборниот софтвер Доминион, кој без доказ ги спомнува и Трамп и неговите приврзаници како инструмент со кој е извршена „изборната измама“.

Во интервју за Фокс Њуз, Пауел се обиде да го зајакне кредибилитетот на обвинувањата на Трамп, наведувајќи дека софтверскиот систем Доминион се користел во неколку држави каде што победи Бајден, пренесува Би-Би-Си.

Иако овие тврдења беа побиени од бројни неутрални експерти, Пауел тврди дека има свиркачи кои ќе и презентираат на јавноста информации дека овој софтвер бил користен за бришење на милиони гласови на гласачите на Трамп.

– Не разбирам зошто Џина Хаспел е сè уште на чело на ЦИА. Таа треба веднаш да биде сменета, рече Пауел.

На новинарско прашање дали има докази што ги поткрепуваат нејзините тврдења, Пауел одговори дека нема намера да објавува такви информации на телевизија.

Хаспел беше назначена за директорка на ЦИА од Доналд Трамп во 2018 година и таа е првата жена во историјата на ЦИА која е назначена на таа позиција.