Адвокатите на Јанева разочарани, не виделе докази за вината


Двајцата адвокати на Катица Јанева изразија разочараност од пресудата и казните, најавувајќи дека правда за случајот ќе бараат и пред меѓународните судови. Тие сепак се надеваа дека повисоките судови во Македонија ќе имаат поголемо чувство за правда и правичност бидејќи не виделе докази за вината на обвинетата Јанева.

-Ние сме разочарани како одбрана на Катица Јанева од пресудата и казните што ги слушнавме. Прво сметаме дека казната е превисока. Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството, но ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството. Напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое е осудена не постојат, рече адвокатката Ирена Фрчкоска.

– Целата јавност беше сведок дека Обвинителството не достави никакви докази за Јанева. Ќе се жалиме, ќе поднесеме жалба, се надеваме дека повисоките судови ќе имаат поголем сенс за правда и правичност, носење на одлуки кои се базираат на докази. Ќе се бориме до крај како одбрана на Јанева, пред домашните но и меѓународните судови“, рече Фрчковска.

Адвокатот Кадиев најави жалба за пресудата изречена за Катица Јанева.

-Драго ми е што јавноста беше присутна во овој предмет преку вас, новинарите. Пресудата судот ја носи во име на граѓаните на Македонија и тоа е со закон дадено право. Меѓутоа, граѓаните на Македонија преку вас новинарите и преку тоа што вие го пренесувавте, стекнаа убедување, а и ние имавме можност  надвор од оваа судница да видиме какво е чувството на граѓаните и како размислуваат. Лично и понатаму опстојуваме на тоа дека не постоеше ниту еден доказ за вината на Јанева, рече адвокатот Дељо Кадиев.