Администрацијата во петок ќе работи четири часа, предизборното ветување на ДУИ влегува во закон


Работното време на администрацијата да изнесува 36 часа неделно, а во петоците да работи само четири часа, се предвидува во Предлогот на Законот за административни службеници, кој е достапен на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) и за кој истекува рокот за консултации. Скратеното работно време за вработените беше едно од предизборните ветувања на ДУИ на последните парламентарни избори.

Во делот на Предлог законот, посветен на посебната должност на административните службеници се предвидува: „Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“.

Доколку административците работат помалку од 36 часа во текот на работната недела, тогаш, тоа ќе се смета за неполно работно време на административните службеници, а ќе се остварува согласно со закон.

Инаку, на последните парламентарни избори ваквото решение за вработените беше една од од заложбите во програмата на ДУИ. Тогаш од оваа партија се заложија секој петок вработените да работат до 13 часот, односно со скратено работно време. 
Целта е како што посочуваа, граѓаните да имаат повеќе време за да се посветат на семејството, а на тој начин да се зголеми и нивната продуктивност на работните места.
Работодавците тогаш реагираа и се заложија ваквиот предлог да биде избор, а не правило. Тие посочија дека скратеното работно време веројатно ќе значи и помали плати, особено во производството.
Во светот има земји каде што се заговара или се експериментира и со четиридневна работна недела, како што тоа беше случај со Финска. Слично е и со некои големи мултинационални компании.
Но, од Министерството за информатичко општество и администрација кое го изготви Предлогот на Законот за административни службеници не посочуваат дали при изготвување на вакавата одредба за административците имале во предвид некои светски искуства. 
Во однос на решенијата во Предлог законот за административни службеници се вели дека постојниот закон воведе повеќе новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници, како и дека воспоставил нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор.
„Но по 5 годишна примена на законот на површина излегоа голем број на практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен“, се вели во образложението за Предлог законот, при што се додава дека со оглед дека од анализите и добиените забелешкипроизлезе дека треба да се менуваат повеќе од 1/3 од постојните членови се пристапи кон подготовка на целосно нов закон, во кој основата е веќе постојниот Закон за административни службеници.
Во Предлог законот детално се разработуваат и статусот и надлежностите  на Агенцијата за администрација, Услови за пополнување на работни места на административни службеници, Нивоа на работни места на административни службеници, потоа испитите за админситративците, постапката за вработување, обуките, односно стручното усовршување и тн. (Н.В.)