Администрацијата нема да се намалува, мерките се за штедење


Мерките што ги предлагаме како Влада и кои треба да се спроведат преку законите се со една цел – да се подобри кондицијата на Буџетот и на јавните финансии и да се преброди оваа кризна година со најмалку можни последици, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

На прес-конференцијата во Владата, Маричиќ рече дека првпат слуша за намалување на администрацијата како конкретна мерка.

– Немам информација дека ќе има намалување на бројот. Првпат го слушам ова и не можам да коментирам, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.

Што и да се прави, рече Маричиќ, ќе се прави во разговор со јавната администрација и во договор со сите засегнати страни.

Во институцијата која ја раководи, како што посочи, веќе се разгледуваат мерките што ги донесе Владата и најави дека до крајот на оваа или почетокот на следната недела ќе видат како да се спроведат.

Во однос на прашањето за реформите во јавната администрација, Маричиќ рече дека до почетокот на идната година, кога треба да се направи патоказот за реформи во јавната администрација, ќе бидат опфатени сите прашања коишто се битни за подобрување за ефикасноста и транспаретноста на јавната администрација и за привлекување и задржување на квалитетните кадри.