Администрацијата на Бајден се соочува со глобален тест во Тајван и во Украина

Со движењето на воени бродови, продажба на опрема и дипломатска реторика, САД ретко кога биле покатегорични дека стојат покрај своите сојузници во Украина и во Тајван.
Сепак, останува нејасно што точно значат сите тие декларации.
И Москва и Пекинг наизглед се обидуваат да ја тестираат администрацијата на Бајден, иако таа започна со работа пред помалку од три месеци. Русија има мобилизирано повеќе војници долж границата со Украина отколку каде било од војната во 2014 година, додека Кина испрати носачи на авиони, беспилотни летала и „цивилна милиција“ од риболовни бродови на териториите, за кои претендираат и американските сојузници, како што се Филипините.
Ваквата активност е дел од величествениот стратешки балет, посочувајќи дека ниту една од страните не сака ескалација до отворена војна. Но, како што покажаа изминатите две недели, кога работите ќе достигнат до кризна точка, нивната брзина може да ескалира – принудувајќи ги САД да донесат тешки одлуки.
Како што изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Вашингтон верува дека Кина би направила „сериозна грешка“ доколку продолжи со досегшното однесување кон Тајван и отие е „сериозно загрижен“ за руските воени вежби во близина на Украина.
По состанокот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Брисел, формулацијата стана уште поостра: „САД силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Блинкен. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг отиде уште подалеку, велејќи дека Алијансата обезбедува „непоколеблива поддршка“ за Украина.
Без член 5
Што точно ова значи, сепак, никогаш не е објавено јасно.
Украина не е членка на НАТО и затоа е лишена од обврзувачките гаранции на „член 5“ за поддршка од сојузниците доколку биде нападната.
Слично на тоа, американскиот Закон за односи со Тајван од 1979 година намерно поддржува еден вид „стратешка нејасност“ дали Америка би интервенирала во некаков конфликт.
Военото позиционирање на Москва и на Пекинг е недвосмислено – иако нивните крајни намери се помалку јасни. Минатата недела Кина испрати носачи на авиони во близина на Тајван, потег на што претходеа неколкумесечни ескалации при што беа вклучени десетици авиони кои го истражуваа тајванскиот воздушен простор. Москва мобилизира илјадници војници долж границата со Украина, истовремено обвинувајќи го Киев за планирање офанзива за враќање на делови од својата територија, што е под контролира на проруските сепаратисти од 2014 година.
Досега, повеќето одговори на САД на овие чекори беа слични: испраќање носач на авиони во Јужно Кинеско Мморе и американски воен транспортен авион до Тајван и до Украина.
Беше објавено дека тоа вклучува преминување на американски разорувачи преку Црно Море, но турските дипломатски извори соопштија дека тоа е откажан. Американски официјални лица изјавија дека таквиот потег никогаш не бил потврден и дека Турција погрешно ги разбрала извештаите. Сепак, овој потег неизбежно ќе се толкува како американско повлекување.
Американската воена активност во Азија и во Европа веќе се интензивира оваа година, вклучително и вежбата „Дефандер 2021“ на НАТО ова лето, што е прогласена за најголема од таков вид по Студената војна. Таквите воени вежби имаат за цел да ги одвратат Москва и Пекинг со потсетување дека САД имаат глобална моќ, за која тие не би можеле ниту да сонуваат. И двете држави сега ги користат воените вежби како изговор за сопствената воена активност. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу експлицитно ги поврза тековните руски вежби за масовна мобилизација за „Дефандер 2021“, истакнувајќи дека обемот на воената активност предводена од САД бара одговор.
Други игри
Во исто време се играат и други игри. Дури и кога тропка со оружје против Украина, Русија лобира во Париз и во Берлин за авршување на гасоводот Северен поток 2 во Европа. САД сакаат да го запрат тоа, дури и назначуваат специјален пратеник задолжен да го блокира проектот. Русија исто така се надева дека нејзината вакцина Спутник В ќе се произведува во европските земји, а одржувањето на тие можности може да биде причина да се воздржат од војна.
Тоа не значи дека ќе изчезне тензијата, всушност најверојатно ќе продолжи годинава и потоа.. За Русија, зголемувањето на нивото на закана не само што ја заплашува Украина, туку го одвлекува вниманието на домашното јавност од прашањата, како што е новата акција против приврзаниците на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој сега е во болница. Поради тоа Путин телефонски разговараше со Бајден и за евентуална средба, потег што Москва го опиша како дипломатска победа.
Додека Москва очекуваше влошување на односите со Вашингтон за време на мандатот на Бајден, Кина имаше извесни надежи дека тие можат да се подобрат. Сепак, претседателот Си Џинпинг се соочува со свои внатрешни предизвици – вклучително и борба против влијателни играчи во Комунистичката партија пред неговиот трет мандат.
Освојувањето на Тајван – или предизвикување криза – може да биде во прилог на неговата амбиција. Во март, американскиот началник на Пацифичката команда на вооружените сили на САД, адмирал Филип Дејвидсон изрази очекување дека нападот може да биде извршен во следните шест години, но може да се случи во секое време.
Дали Русија и Кина можат да планираат идните кризи да се случат во исто време, не е јасно, но и двете сили јасно гледаат заеднички основи против САД и минатата година тие се зближија на дипломатски план.
Со години, Вашингтон се прашува што би сторил ако се соочи со војна со Русија или со Кина, ограничена или не. Сега мора да ја разгледа можноста да се соочи во истовремено против двете. (Ројтерс)