Совет од Исак Адижес: Меѓусебна доверба и почит е клучот за надминување на кризата


Македонија треба да е дијамант на Балканот и на посетителите да им нуди незаборавно искуство, истакна д-р Адижес

М6 Едукативниот Центар организираше бесплатно предавање за македонската јавност со д-р Исак Адижес, еден од најценетите консултанти на држави и компании во светски рамки. Онлајн предавањето на реномираниот бизнис и организациски консултант, д-р Исак Адижес на тема „Менаџирање во време на криза и што потоа“ предизвика огромен интерес во јавноста, особено кај претприемачите и носителите на одлуки во домашните компании.
Во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во модерната историја, д-р Адижес преку својата методологија и своето долгогодишно искуство ги претстави личните согледувања и совети за менаџирање компании, но и на државата за време на кризниот период, како и по неговото завршување.


Д-р Адижес отвори теми кои ретко се дискутираат во компаниите, а се круцијални за раст и развој и за надминување на кризата, а тоа се основите на секој систем, индивидуа, семејство, компанија, држава.
„Взаемната почит (признавање на правото на различност), довербата (верување дека другата страна го носи и мојот интерес во срцето, не само својот), културата и идентитетот треба да се наша предност. Македонија треба да е дијамант на Балканот и на посетителите да им нуди незаборавно искуство!“, истакна д-р Адижес.
Во однос на иднината, „Вештачката интелигенција веќе ги надминува капацитетите на
човековиот ум. Иднината на бизнисите и човештвото е во СРЦЕТО. Ги надминавме мускулите и мозокот. Само работата со срце и од срце може да донесе развој, опстанок на оваа планета”, порача д-р Адижес.


По официјалниот вебинар со д-р Исак Адижес на кој беа приклучени повеќе од 400 учесници од нашата држава и регионот се одржа уште еден вебинар за претставници на Владата, бизнисзаедницата и партнерите на М6 Едукативниот центар. На оваа онлајн дебата се дискутираше како нашата држава да излезе како победник од кризата и како да одговори на предизвиците со кои се соочува. Д-р Адижес даде неколку конкретни совети, но и генерална порака до сите партии: „Потребна е интеграција на сите политички партии, ќе треба час поскоро да ги
идентификуваат најбитните пет проблеми во државата и заеднички да го најдат решението – тоа е нивна заедничка одговорност.“


Д-р Исак Адижес е роден во Скопје и е еден од најангажираните и најреномирани предавачи и консултанти во светот. Бил професор на повеќе престижни универзитети, а неговото име е на листата 30 најдобри консултанти во Америка. Како признание за придонесот во развојот на теоријата и практиката на менаџирање, д-р Адижес е носител на 21 почесен докторат од универзитети во десет земји.
М6 едукативниот центар е водечки регионален центар за трансформација и развој на
општеството преку континуирано впивање и стимулирање на знаење, иновативност,
креативност и култура во секојдневното живеење и работа на поединците, компаниите и институциите.