Адеми се пофали: Прв Албанец претседател имале и боречката, боксерската и фудбалска федерација


Идејата претседателот на државата да се избира во Собранието е на Али Ахмети, а тоа што со истата платформа ден претходно излезе и претседателскиот кандидат на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, е затоа што успеале да го обезбедат вчерашниот говор на лидерот на ДУИ.

Ова денеска го изјави потпретседателот и координаторот на пратеничката група на ДУИ во Собранието, Арбер Адеми на прес-конфренција пред претседателската резиденеција на Водно.

„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на претседателот на државата во Собранието со двотретинско мнозинство на гласови и со Бадентер за да се обезбеди општествен натпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничкото надгласување и наметнување само од двете поголеми македонски политички партии“, рече Адеми.Оваа идеја, како што посочи, од страната на Таравари успеале да ја прочитаат, но не и да ја разберат.

„Токму оваа идеја дериватите на ДУИ предводени од веќе разрешениот претседател на Алијанса за Албанците (Арбен Таравари н.з.) не ја разбрале кога претходно го прочитале, значи еден ден претходно, гoворот на Али Ахмети, бидејќи успеале да го обезбедат предвреме вчерашниот говор на нашиот претседател“,кажа Адеми.
Таравари во кампањата ќе се залага изборот на шефот на државата да биде во парламентот

Говорејќи во таа насока, тој рече дека идејата Ахмети веќе ја претставил на вториот конгрес на Демократската унија за интеграција уште во 2009 година во Скопје, кога, како што кажа, ги набројал дванаесетте позиции дотогаш недостижни за Албанците, а истата партијата ја имала и во изборната програма во 2014, 2016 и 2020 година.

Според Адеми со тоа што „дериватите на ДУИ“ читаат и не разбираат ѝ прават голема услуга на партијата, паѓајќи во нивната стапица со присвојувањето на нивната идеја.

„Ова многу добро го разбираат од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а уште подобро го разбираат Албанците и граѓаните на Република Северна Македонија. Затоа бараме апсолутна масовна поддршка на Албанците и на другите граѓани за кандидатот д-р Бујар Османи“, кажа координаторот на пратеничката група на ДУИ.

Изборот на шеф на државата во парламентот , според него, е за поголема консензуалност и помал трошок на буџетските средства. Инаку, тој на прес-конфренцијата информираше дека ДУИ, како што најави нејзиниот лидер Али Ахмети вчера, започнала со собирање на потписи за кандидатурата на актуелниот министер за надворешни работи на земјава, Бујар Османи за претседател на државата.

„После првиот премиер Албанец, после првиот вицепремиер, министерот за надворешни работи, тој за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и на Управниот суд, претседателите на фудбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и претседателот на државата да биде Албанец“, рече Адеми.