Адеми: Почетокот на учебната година ќе биде поинаков од претходните

Низата крупни промени што Министерството за образование и наука со силна поддршка од засегнатите општествени чинители и бројни стратешки партнери ги креираше во изминатиот период во рамки на процесот на унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, а кои стапуваат на сила од оваа учебна година, даваат силна верба дека овој почеток ќе биде поинаков од сите претходни, е наведено во писмото на министерот за образование и наука Арбер Адеми, упатено до менаџментот, вработените и учениците во основните и средните училишта во Северна Македонија.

Тој посочува дека усвојувањето на новиот Закон за основното образование, овозможува унапредување на правата и можностите за наставниците и учениците и особено е фокусиран на образовната инклузија со акцент на учениците со попреченост, како и кон јакнење на почитта кон мултикултурализмот, додека, како што се наведува во писмото, новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, за прв пат обезбедува можност за кариерен напредок во титули и континуиран пораст на платите по тој основ.

„Целосното заокружување на реформата на средното стручно образование преку изработка на современи наставни планови и програми за четиригодишното стручно образование, кои се ориентирани кон јакнење на практичните вештини на учениците, помагаат во градењето на добро подготвен кадар за настап на пазарот на трудот со цел брза транзиција од образовение кон работа, како и кадар подготвен за понатамошна образовна надградба“, оцени министерот за образование и наука.

Наведе дека, во овој контекст не може да не се спомене и процесот на опремување на училишта со нови машини и алатки, подобрувањето на инфраструктурните услови, отворањето на реални училишни компании, како и поддршката на проектите за учење преку работа директно во компаниите.

„Искрено се надевам дека тоа што како институции на системот ги направивме заедно со нив, а во насока на унапредување на општествениот статус и материјалната состојба на просветните работници, каде особено ќе го потенцирам покачувањето на платите за повеќе од 10 отсто, за само една година, ќе ја поттикне мотивацијата за работа и задоволството од работниот однос во училиштата. Тоа пак ќе резултира со уште поголем успех во работата кој ќе се огледа преку квалитетот на генерациите кои се градат и создаваат“, посочи министерот Адеми.

Изрази уверување, дека поддршката на МОН ќе биде уште посилна во перидот што следи.