Адеми: Нема амбиција со онлајн-учење да се замени традиционалниот начин

Моделите што веќе ги подготви Министерството за образование ќе бидат разгледани уште еднаш на состанок на Комисијата за заразни болести, изјави министерот Арбер Адеми кој, како што  објави ТВ Алсат М смета дека новата учебна година треба да почне со физичко присуство, во зависност од епидемиолошката состојба во земјава.

Во изјава за телевизијата Адеми истакна дека станува збор за тешки одлуки и дека со Комисијата за заразни болести МОН е во постојан контакт во последниве денови, најавувајќи одлука во текот на денов.

– Немаше и нема амбиција со онлајн-учење да се замени традиционалниот начин на спроведување на образовниот процес, бидејќи такво нешто е недостижно, рече Адеми за Алсат М.

Министерот Венко Филипче вчера изјави дека став на Комисијата за заразни болести е учебната 2020/2021 да почне онлајн, освен за учениците од првите одделенија затоа што е неизвесно со што ќе се соочиме наесен со заразата од Ковид-19 и дека, како што рече, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија.

Тој став на Комисијата Филипче го презентирал и на вчерашната седница на Владата  на која било дискутирано за почетокот на учебната година, но не беше донесена одлука за конечниот модел како ќе се одвива наставата. Прес-службата соопшти дека на седницата била разгледана и усвоена Информацијата со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука и  заклучено таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести.

– Потоа, врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта, соопшти владината прес-служба.

Од Комисијата за заразни болести утрово за МИА потврдија дека имаат состанок, но дека за одлуката ќе соопшти Владата односно двете министерства. Покрај за училиштата, како што вчера беше најавено, на состанокот на Комисијата денеска треба да се разгледува и прашањето за отворање на градинките.