Адеми ќе има нов тренер во загрепски Динамо


Ден по првенствениот пораз од сплитски Хајдук на гостински терен (0-1), Динамо Загреб, во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, му врачи отказ на тренерот Жељко Копиќ.

На клупата на актуелниот хрватски првак Копиќ седеше на 19 натпревари, на кои оствари ефект од 13 победи, две нерешени и четири порази.

Два од четирите порази ги претрпе од Хајдук, против кој и дебитираше на клупата со поразот во Загреб (0-2) во декември лани.

На пет кола до крајот на хрватското првенство Динамо води со 66 бодови, два повеќе од Осиек, a четири од Хајдук на третото место.

Наследникот на Копиќ сè уште не е познат.