Адеми: Ќе ги поканиме СОНК на нови разговори следната недела


Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска најави дека во текот на следната недела ќе ги покани претставниците на СОНК, кои најавија штајк за 11 ноември, на разговори. Адеми денеска потсети дека досега на два пати се веќе зголемени платите и оти било понудено десетпроцентно зголемување на платите во април месец.

-Следната недела сигурно дека ќе има покана и од наша страна да седнеме заедно, имајќи ги предвид сите параметри и за други реформски процеси за кои има финансиски импликации, верувам дека ќе најдеме начин и решение за следното покачување на платите, рече Адеми, додавајќи дека нема пазарење туку има конструктивен дијалог и разгледување на сите параметри.

Министерот е дециден дека е оптимист оти до штрајк сепак нема да дојде, бидејќи Министерството и Владата нудат решенија. Според него, нема причина ниту, пак, потреба за организирање на штрајк најавувајќи, како што вели, историско покачување на платите во образованието.