Адеми: Годинава почнува реформата за предметот по физичко во прво одделение
Оваа година во прво одделение одиме со тандем наставници за предметот физичко образование. Следната година прво и второ одделение, па третата година прво, второ, трето итн. Сукцесивно за пет години ќе се заокружи реформата како што е предвидено и со Законот. Ова го изјави министерот за образование и наука Арбeр Адеми, по свеченото отворање на основото училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во врска со текот на оваа реформа.
– Рековме дека оваа реформа ќе почне да се спроведува сукцесивно согласно со Законот, така што во прво одделение јас со мојата рака потпишав согласности за сите училишта кои доставија барање за ангажирање на дополнителен наставник кој е квалификуван за одржување на таа настава. Денеска додека бев тука моите колеги ме информираа дека од Министерството за финансии веќе имаме позитивен одговор, зборувам сите училишта на национално ниво кои доставија барање до кај нас, рече Адеми.
Реформата „тандем-партнер наставници“, (одделенски наставник и предметен наставник на часот по физичко и здравствено образование) е предвидена од прво до петто одделение, а целта е подобрување на квалитетот на наставата по физичко образование, со цел унапредување на физичките способности, моторните вештини и знаења од областа на физичката и здравствена култура.