Адеми-Филипче: Родителите може да изберат и учениците до трето да следат онлајн настава


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести препорачува учебната година да се одвива онлајн, со два исклучоци, да одат во училиште децата од прво до трето одделение и во училиштата каде има мал број ученици, сите да одат во училиште.

Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денената заедничка прес-конференција со министерот за образование Арбр Адеми.

– Одлучивме родителите на овие ученици да можат да одлучуваат дали детето да следи онлајн или физичка настава, како резултат на тоа што тие можеби имаат родители со хронични болести или ги чуваат баби и дедовци кои се ризична категорија, па семејството е во поголем ризик. Вториот исклучок е во училиштата каде има мал број на ученици и тие ќе можат да следат настава со физичко присуство. Ова секако по барање на училиштата кои оваа одлука ќе ја донесат во согласност со родителите – соопшти Филипче.

– Одлучено е новата учебна година треба да започне преку средствата за електронска комуникација, со два исклучоци – рече Адеми.

Двајцата министери појаснија дека на родителите им се остава можност да изберат и децата до трето одделние да можат да следат настава онлајн.

Во однос на тоа како родителите ќе се изјаснат за тоа дали сакаат децата до трето одделение да им следат настава онлајн, се уште не е одлучено, дали тоа ќе биде со изјава доставена до училиштата, појасни Адеми.

Исто така, не се знае ни кога ќе почне учебната година, затоа што нема функционално Собрание, каде би се сменил законот кој предвидува должина на час и почеток на учебна година.

Одговарајќи на новинарско прашање доколку има сомнителен случај, дете, ученик или наставник, Филипче рече дека ќе се направи анкета. Ако се почитуваат протоколите, исклучително е мал ризикот за пренос на вирусот.

За да се прекине наставата има неколку индикатори, како на пример зголемување на бројот на случаи во некој регион. Па, ако се забрани работата на ресторани, кафулиња и слични објекти, тогаш и училиштата би влегле во тој план, но секако тоа ќе биде регионално, за да се избегне тоа да се прави на територијата на целата земја, појасни министерот за здравство.