Адел, Леди Гага и Ени Ленокс поканети во оскаровската академија


САД– Поп-ѕвездите Адел, Леди Гага и Ени Ленокс од „Јуритмикс“ се меѓу имињата кои се поканети во членство во Академијата за филмска уметност и наука, која ги организира Оскарите. Таа покани 842 нови членови од 59 земји и за првпат постигна родова еднаквост.

Американската академија за филмска уметност и наука, која е задолжена за престижните награди „Оскар“, редовно е критикувана поради тоа што мажите во комисијата се огромно мнозинство во однос на жените. Поради тоа, во новото соопштение, оваа културна институција објави список од 842 имиња поканети да ѝ се приклучат, од коишто 50 отсто се жени, а 20 проценти се припадници на малцинствата.

Меѓу поканетите се и Жан-Луј Трентињан, Жозијан Баласко и Марк Ронсон. Ова е првпат во историјата на Академијата жирито да се состои од 50 отсто жени. Лани, тие тука беа застапени со 49 отсто.

Академијата последниве години постојано ја критикуваат и поради „елитизмот и недостатокот од расна и етничка разновидност“, како и други работи. Затоа, оваа институција направи некои промени и внесе новитети, меѓу кои и поместувањето на датумот на доделувањето на „Оскарите“- на 9 февруари 2020, како и скратување на свеченоста за којашто многумина сметаа дека трае предолго.