АД ЕСМ следната недела официјално ќе го преземе управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север


Преземањето на управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север од страна на  АД ЕСМ ќе се случи следната недела, најавија од државната енергетска компанија. 

„Согласно Уредбата донесена на вчерашната седница на Владата во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе раководењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија.
Преземањето на управувањето со трите субјекти на БЕГ, (Производство, Дистрибуција и Снабдување ) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие од страна на Владата потребните одлуки и задолженија за спроведување на преземањето“, се вели во соопштението до медиумите.

Во меѓувреме, како што се додава, АД ЕСМ потпиша договор со Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје. Со тој договор ТЕ-ТО ќе го зголеми обемот на производство на електрична и на топлинска енергија, односно ќе работи со максимален капацитет, седум дена во неделата наместо пет дена како досега, во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати. Електричната енергија ќе ја презема АД ЕСМ, додека зголеменото количество топлинска енергија кое произлегува од процесот ќе се испорачува кон БЕГ и Скопје Север, односно во топлинската мрежа во градот Скопје. Греењето во градот Скопје нема да се исклучува во вечерниот термин до 22.00ч. како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија за корисниците ќе се испорачува до 01.00ч. До денот на преземањето на БЕГ од страна на АД ЕСМ, сите трошоци за испораката на греењето во Скопје ќе ги сноси ТЕ-ТО.

АД ЕСМ стои на ставот дека одлуките кои ги носат Владата на Р. Северна Македонија и РКЕ , и преземањето на обврските од страна на АД ЕСМ, ќе го стабилизира снабдувањето со топлинска, но и електрична енергија кон граѓаните, со оглед на тоа што постои енергетска криза во глобални рамки, се вели во соопштението до медиумите.