АД ЕСМ: РЕК Битола нема да се затвори


Најостро ги осудуваме инсинуациите за затворање на РЕК Битола кои подолго време.во јавноста ги споделува ВМРО-ДПМНЕ, соопшти АД ЕСМ.

– РЕК Битола ќе продолжи да работи без разлика на енергенсот што ќе го користи за производство на струја. Јагленот ќе се користи за производство на струја се додека струјата произведена од јаглен е економски исплатлива. Најголема потврда за тоа е набавката во вредност од 17,5 милиони евра на дел од потребаната механизација за ископ што АД ЕСМ ја реализира годинава, а за следната година планира нова набавка со која ќе може да се врши ископ на јаглен и од наоѓалиштето во Живојно, се наведува во реакцијата од ЕСМ на денешната изајава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски.

Од ЕСМ иниформираат дека паралелно со овие активности, се одвива процесот на трансформација кон обновливи избори на енергија и тоа, како што се наведува, на никаков начин не го загрозува опстанокот на РЕК Битола.

– Во услови на енергетска криза, кога речиси и да нема земја во Европа и регионот која не е погодена од новонастанатата ситуација, АД ЕСМ ги презема сите неопходни чекори за оптимизација на работата, согласно законските можности кои ги има на располагање. Политичко етикетирање на вработените во компанијата и комбинатот и нивна поделба на подобни и неподобни никој досега ниту помислил, ниту направил. Сметаме дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е првиот и единствениот кој политички ги етикетира вработените во компанијата и во комбинатот, со што ги поткопува напорите на менаџмантот за справување со енергетската криза, се вели во реакцијата од АД ЕСМ. 

Инаку, порано денеска Мицкоски рече дека смета оти состојбата во електроенергетскиот сектор во земјава е катастрофална. -И најавата од менаџментот и раководството не само во РЕК Битола, туку и во поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ дека без никаков критериум, без никаква методологија, претпоставувам тоа ќе биде уште еден партиски реваншизам на Васко Ковачевски и групата околу нему кон политичките неистомисленици според нив, да бркаат луѓе, да ги праќаат на принуден одмор затоа што тие не успеале добро да го менаџираат комбинатот, односно да постојат основани сомневања дека се злоупотребуваат јавните набавки и на тој начин владее криминал и корупција во самото поранешно ЕЛЕМ, а денешно ЕСМ, изјави Мицкоски. 

Мицкоски пред РЕК Битола упати две пораки. Првата порака, како што рече, е до вработените во поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го затвора РЕК Битола, туку напротив да вложува во негова модернизација и подобрување на еколошките перформанси, кога станува збор за заштитата на животната средина и почистиот воздух.

Втората работа се однесува до раководството на РЕК Битола и денешно ЕСМ дека за она што го прават ќе има одговорност. – Следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност за ова што го правите изминативе четири години, а посебно што сега си играте со човечки судбини, со човечки животи во очи на големите христијански празници, како што се Божик и Бадник, луѓето и семејствата да се плашат дали ќе имаат или нема да имаат достоинствена трпеза, рече Мицкоски. Според него, се работи за лошо менаџирање и постојат основаните сомнежи за криминалот којшто се случувал во ЕСМ.