АД ЕСМ потпиша договори за стипендирање со пет студенти од Универзитетот од Тетово


 

АД ЕСМ додели пет нови стипендии на студенти од Универзитетот во Тетово со што ја продолжи традицијата за поддршка на најдобрите студенти, информираат од компанијата.

Стипендиите се во износ од 80.000 денари за една академска година, а финансирањето е предвидено да трае за време на сите студиски години, при што услов е просекот во текот на студирањето да биде над 8.0.

-Тоа е финансиска поддршка од нашата компанија со цел да ги охрабриме студентите да вложат максимални напори и да стекнат знаења кои ќе им отворат подобри перспективи за работа. Нашата поддршка е доказ дека системот, државата се грижат за младите и вложуваат во младите за тие да останат тука. АД ЕСМ со поддршката на млад и квалитетен кадар придонесува кон развојот на енергетиката, изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, по потпишувањето на договорите за стипендирање.

Тој нагласи дека се надева оти стипендистите по завршување на студиите ќе бидат дел од АД ЕСМ.

-Соработката ќе продолжи и во иднина, со зголемување на бројот на стипендисти и вредноста на стипендиите, со цел да се поттикнат и стимулираат студентите за уште поголеми достигнувања и успеси, како и нивно издигнување на академски нивоа, рече заменик- генералниот директор на АД ЕСМ, проф. д-р Имер Зенку.

Изрази подготвеност и посветеност за продлабочување на соработката за прашања од заеднички интерес, меѓу кои ја истакна подготовката на инженерски кадар, која, како што рече, е од клучна важност за пазарот на трудот, особено за технолошките процеси на компанијата.