АД ЕСМ ќе потпише договор со Скопје Север, но претходните и новите обврски мора да се исполнат

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во изјава за медиумите денеска рече дека АД ЕСМ ќе склучи нов договор за деловно-техничка соработка со АД Скопје Север, со кој ќе се уредат односите за оваа грејна сезона со цел граѓаните да имаат парно греење во делот на градот кој го покрива Топлана Скопје Север.
Сепак, како што нагласи, за тој договор да биде функционален, Скопје Север ќе мора да ги испочитува сите обврски од договорот, а пред сé неговиот мнозински сопственик, Топлификација АД во стечај да го потпише договорот и Скопје Север да ги спроведе сите обврски кои не ги спроведе во текот на изминатата грејна сезона, по претходниот договор.
Ковачевски вели дека АД Скопје Север и неговиот мнозински акционер, Топлификација АД во стечај, воопшто не соработувале со АД ЕСМ во изминатава година и дека имало многу тешкотии да се заштити државниот капитал и државните средства кои ги вложиле за гас за Скопје Север, како и препреки во почитувањето и спроведувањето на неопходните процедури.
„Нашиот прокурист никогаш не беше впишан во Централен регистар, овластеното лице никогаш не го врза потписот со потписот на прокуристот и за други исплати покрај од наменската, а имаа таква обврска и Скопје Север не испраќаше секојдневен извештај до прокуристот за извршените плаќања во претходниот ден, што и каде платиле“, вели Ковачевски.
Исто така, како што додаде, стечајниот управник на Топлификација АД во стечај како сопственик на Север одбил да го потпише договорот, одбиле да дадат гаранција за средствата и не издале меница за обезбедување на средствата, а не бил доставен ниту извештај до АД ЕСМ за порамнување за финансиската помош за сметките за домаќинствата итн.
„За разлика од нив, трите Друштва на БЕГ целосно соработуваа во изминатата грејна сезона и нашите прокуристи имаа целосен увид и контрола за секој исплатен денар“, вели Ковачевски.
Тој посочува дека за минатата грејна сезона, односно за половина сезона, јануари, февруари, март и април 2022, ЕСМ исплатило за Скопје Север 26 милиони денари, или 425 илјади евра за гас, а за оваа грејна сезона најверојатно ќе стане збор за сума од околу 60 милиони денари, односни 1 милион евра за гас и дополнително ако има потреба за други намени.
„Средствата од минатата грејна сезона до денес, не се вратени на ЕСМ, иако Скопје Север потпиша обврска да ги врати и ние пред два дена испративме допис до нив дека таа обврска мора да ја исполнат, бидејќи гасот им беше добавен, тие испорачаа греење, ги наплатија сметките од потрошувачите, но средства кон ЕСМ сé уште не се исплатени“, вели Ковачевски.
Тој дополни дека затоа вчера и Владата, покрај тоа што го задолжи ЕСМ да потпише нов договор за помош кон Скопје Север, исто така укажа дека Скопје Север треба да ги врати средствата кон ЕСМ кои ги доби за минатата грејна сезона.
„Останува да видиме како ќе се однесуваат во периодот пред нас. Ние уште од утре ќе ги повикаме на состанок на кој ќе треба да ги регулираме и договориме обврските за минатата грејна сезона и потоа и за оваа“, вели Ковачевски.