АД ЕСМ долгорочно ќе изгради 1000 MW фотонапонски електрани


АД ЕСМ долгорочно ќе изгради 1000 MW фотонапонски електрани како клучен дел од планот за енергетска трансформација, односно префрлање на производството на електрична енергија кон обновливи извори, рече денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на Енергетскиот форум МЕФ 2021 што се одржува во Скопје.

Над 70 проценти од нашето производството моментно доаѓа од јаглен, и тоа, како што нагласи, за нас е голем императив да спроведеме брза енергетска транзиција, но која мора да биде и праведна, односно вработените да останат во компанијата со работни задачи соодветни на промената во производството.

-Работиме на ширење на нашето производно портфолио, пред се во делот на обновливите извори на енергија, изјави Ковачевски.

Појасни дека фотонапонските електрани ќе се градат во еден дел како сопствени инвестиции на АД ЕСМ, а во еден дел како јавно-приватно партнерство.

Покрај производните капацитети од ветер и сонце, беше нагласено и значењето на поседувањето што почисти производни капацитети за базна, балансна енергија, за што беа наведени планираната гасна електрана во РЕК Битола, проширување на гасната електрана Енергетика во Скопје, планот за пренамена на ТЕЦ Неготино во електрана на гас и изградбата на големата хидроелектрана Чебрен, велат од АД ЕСМ.

За Чебрен до крајот на годината се очекува првичен договор кој би бил основа за јавно-приватно партнерство со една од 9-те квалификувани компании кои аплицираа на јавниот повик да бидат партнери на АД ЕСМ за изградба на овој капитален проект.