АД ЕСМ додели стипендии на 11 студенти од техничкиот факултет Битола


 

„Електрани на Северна Македонија“ (АД ЕСМ) додели стипендии на 11 студенти од Техничкиот факултет Битола, во износ од 80.000 денари годишно и кои ќе се доделуваат 10 месеци односно во текот на целата академска година, соопштија од компанијата.

Од таму појаснуваат дека финансирањето е предвидено да трае за време на сите студиски години, а стипендиите се продолжуваат еднаш годишно врз основ на исполнување на утврдени критериуми пропишани во договорите за стипендирање што, пак, се услов за продолжување на стипендиите.

„АД ЕСМ, преку својата Подружница РЕК Битола беше, е и ќе остане столб на битолската економија и стопанство, а ќе остане основа и столб и на електроенергетскиот систем на Македонија. Затоа, ве повикувам сите тука присутни и останатите ваши колеги од Техничкиот факултет Битола да вложувате во вашето знаење. Ние сме тука да ве поддржиме, со желба наскоро да ве имаме и во нашите производствени капацитети“, порача Генералниот Директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов.