Ацески: Системот на образованието на УКИМ е корумпиран


УКИМ е во тешка кома. На УКИМ многу малку се очи. На УКИМ многу малку се истражува. Системот на образованието е корумпиран, а со неквалитетно образование се руши една нација и доаѓа до пропаст на една држава, изјави професорот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Илија Ацески, на денешниот перформанс „Ковање на правилата“ пред Ректоратот на УКИМ во Скопје.

Пред Ректоратот, професорот го промовираше својот прирачник „Чудесии на УКИМ“ во кој преку неколку пораки укажа на потребата од реформи на Универзитетот.

– На УКИМ многу малку се објавуваат квалитетни трудови. На УКИМ има проблеми со студирањето. Тоа трае долго време, односно од оној период кога почнавме да го применуваме болоњскиот систем или ЕКТС системот, кога се претворивме во една, во голема мера, институција која влезе во тоа јавно-приватно партнерство со државата. Државата не остави, вели – вие сте автономни. Ние мислиме дека ако државата не се меша, дека ќе бидеме тоа што сме, но станавме Универзитет на кој многу малку се учи, рече професорот.

Според него, во некои институти или оддели се работи солидно, но во поголем дел образованието е урнисано, криминално и неквалитетно. Ова, како што вели тој, претставува практично еден крик.

– Крикот на образованието е крик на една нација, и пропаст на една држава. Тоа ќе го прочитате на влезовите на многу универзитети во светот. Еве, се дрзнав пред пензионирање да се обратам јавно. Оваа борба ја водам скоро десет години. Дискутиравме овде, дискутиравме во Владата за овој проблем, но резултатот е никаков, објаснува Ацески.

Како што појаснува тој, ние доцниме со реформите, надвор сме од светските текови, и според него, ова е повик да се разбудат оние кои раководат со оваа институција и да започнат со реформи.

– Многу малку има слух кај надлежните за овој проблем. Ова е индивидуална борба. Позади оваа борба не стои практично никој освен уште еден или двајца кои помагаат околу технички работи. Јас ги исцрпив сите можности на борба во институции, рече Ацески.

Професорот вели дека всушност системот е корумпиран. Според него, системот најголемиот дел од професорите ги прави полтрони, послушници и истомисленици.

– Ги упропастивме добар дел од децата. Има вредни студенти и тие самите се многу разочарани. Системот кога ќе се корумпира тој повеќе не бира понатаму дали сте вие чесен, дали работите или не и во тој систем оние кои што најмалку работат тие најдобро заработуваат. Оние пак кои работат се потиснати, разочарани, вели тој.

Според Ацески, ние живееме во култура на корупција, и токму затоа, неговите колеги си бегаат од државата.

– Младите се снаоѓаат и не веруваат многу во ова, но општиот резултат е катастрофален за македонската нација, народ и држава, и можеби најголем дел од овие проблеми кои денес ги живееме се токму резултат на таквото образование. УКИМ во земјава е најдобриот универзитет. Ако на најдобриот универзитет ова се случува, можеме да претпоставиме што се случува на приватните универзитети, вели професорот.