Абази нема да ги слуша „бомбите“ на Боки 13, назначил друг обвинител


Фото: Б. Грданоски

Шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, нема лично од Бојан Јовановски-Боки 13 да ги слушне „бомбите“ кои ги има во рака, туку назначил друг обвинител кој ќе го сослуша.

Ова информација следува откако пред неколку дена, Боки 13 му испрати писмо на обвинителот Абази со кое бараше прием за да му достави „бомби“ и докази за криминал во највисоките државни структури.

– Јас сега осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, поради тоа што располагам со сознанија и докази за сторени кривични дела од страна на високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата, барам да бидам изведен пред вас веднаш и без одложување, со цел да ги поднесам кривичните пријави и да ви ги предадам сите докази со кои располагам во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи, се вели во писмото.

Јовановски во писмото до јавниот обвинител бараше поднесување кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејства на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување.

Тој најави дека на поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи.

Јовановски е во затворот во „Идризово“, каде што ја издржува 9-годишната казна затвор за случајот „Рекет“.