Дани Димитровска ослабна со помош на протеини: Задоволна сум од својот изглед


Поп-ѕвездата Дани Димитровска (39), една од најатрактивните на поп-сцената, ѝ се врати на старата тежина за три месеци со протеински режим на исхрана и со физичка активност. Вели дека не е важно колку килограми ослабнала, туку дека новиот начин на исхрана одговара на нејзиниот стил на живот.

– Секогаш бев задоволна од својот изглед и знаев да варирам со килограмите. Ние пејачите живееме нередовен и стресен живот. Денот ни е ноќ, а ноќта ни е ден. Сепак, одлучив да преземам нешто и многу сум задоволна од изгледот и од енергијата што ја имам – ни изјави Дани.

– Бев подучена на поинаков начин на исхрана предводена од нутриционист и од „Продимед“. Во комбинација со физичка активност за тие три месеци се навикнав на еден фин начин во кој уживам. Во мојов случај, нетипичниов метод овозможи процесот на добивање на посакуваното да биде здрав, избалансиран и комплементарен со начинот и со стилот на мојот живот – ни раскажа Дани.

Првите два месеца внесувала само готова храна и протеински напивки од истата фирма, а третиот месец, почнала да внесува природни протеини во форма на месо и белки од јајца.

– Целата моја исхрана се состоеше од протеини, пет пати во денот во помали количини на готова храна и напивки. Потоа почнав да јадам месо, белки од јајца, а сега, мојата тежина ја одржувам со истата храна, но и со многу зеленчук. Јадам исклучиво зелен зеленчук, а веќе и овошје – вели Дани и додава дека понекогаш си дозволува мали, слатки задоволства, но во многу мали количини.

– Вежбам и се чувствувам супер. Сфатив дека сè било до навиката – ни раскажа Дани.

Поп-ѕвездата со безвременски хитови, уште отсега се подготвува за настап на познат џез-фестивал во Александрија, Египет, во март следната година. Пред тамошната публика Дани ќе ја испее насловната песна од актуелниот албум „Град за љубов“, кој го промовираше лани и за кого годинава на „Златна бубамара на популарноста“, доби награда за албум на годината.

Дани кариерата ја започна на поп-фестивалот „Макфест“. „Најдобра до сега“, „Не живеам за другите“, „Црно на бело“, „Слободна песна“ се дел од песните кои ја раскажуваат нејзината бунтовност од една и емотивната природа од друга страна. Мајка е на 17-годишниот Лазар.

Плени со својот стил на облекување и како заштитно лице на кампањата за борба против сидата. (Л.С.)

Фото: Бојан Стоилковски