Еден свет – заедно дома : Светските музички ѕвезди собраа 127 милиони долари


САД – Повеќе од 100 музички светски sвезди, вклучувајќи ги Ролинг Стоунс, Пол Мекартни, Лејди Гага, Килерс, Стиви Вондер, Селин Дион, Андреа Бочели, Џенифер Лопез и Били Ајлип, синоќа одржаа виртуелен концерт „Еден свет – заедно дома“ во знак на поддршка на здравствените работници, во време на пандемијата на коронавирусот.

Овој уникатен настан, организиран од „Глобал цитизен“ и Светската здравствена организација (СЗО), започна со снимки од луѓе кои аплаудираат на здравствени работници од нивните домови низ целиот свет, а целиот настан траеше осум часа.

Средствата собрани за време на концертот се наменети за Фондот за солидарно дејствување при Светската здравствена организација, но Лејди Гага јасно стави до знаење дека настанот не е за прибирање финансиски средства со донации од граѓани, туку фокусот е на забавата и пораките за солидарност.  Светски лидери, корпорации и филантропи собраа 127,9 милиони долари, од кои 55,1 милиони за Фондот за солидарност, а 72,8 милиони долари за здравствените работници и за сите оние кои се од суштинските дејности, а се во првите борбени редови против Ковид-19.

Лејди Гага, една од организаторите на концертот, рече дека настанот е „љубовно писмо за светот“.

Посветувајќи го шоуто на здравствените работници и на сите што се наоѓаат на првите редови, Лејди Гага изјави дека музичарите сакаат на овој начин да „возвратат за љубезноста што ни ја давате“, пренесува Би Би Си.

– Сакаме да се преминеме на другата страна на оваа пандемија, а знаеме дека тоа и вие го сакате, рече пејачката, која изведе верзија од песната на Чарли Чаплин „Smile“.

Во програмата се вклучи и Пол Мекартни, поранешен член на Битлси, кој рече дека здравствените работници се „вистинските херои“ на оваа криза и се потсети на својата мајка Мери, која била медицинска сестра за време на Втората светска војна.

И покрај тоа што се наоѓаа на четири различни локации, Ролинг Стоунс успеа да ја изведе една од најпознатите песни „You Can”t Always Get What You Want“.

Нијал Хоран, член на групата One Direction, ја изведе песната „Black and White“, со акустична гитара, од неговата дневна соба, а неговиот поранешен колега Лиам Пејн песната Midnight

Брендон Флауерс и Роналд Ванучи, членови на групата „Killers“, изведоа една од нивните најпопуларни песни, Mr Brightside, додека Били Ајлиш настапи со песната „Sunny“.

Џон Леџенд и Сем Смит ја изведоа „Stand by Me“ на Бен Е. Кинг, а настапија и Адам Ламберт, Џон Леџенд, Рита Ора и Тејлор Свифт.

Џенифер Лопаз, Кит Урбан, Бурна Бој, Луис Фонси, Хозиер и Стиви Вондер ја изведоа песната „Lean on Me“ на Били Витерс. Шкотската музичарка Ени Ленокс настапи со својата ќерка, а воедно ја истакна важноста од потребата да се осигураме здравствените системи во сите земји да се доволно силни за да идентификуваат и спречат идни пандемии.

Бјонсе испрати порака со афроамериканската заедница.

– Афроамериканците тешко ги погоди оваа криза. Ве молам, чувајте се и себе и своите семејства. Знам дека е тешко, но бидете трпеливи, позитивни и молете се нашите херои, истакна ѕвездата.

Настанот,, кој многумина го оквалификуваа како концерт на векот, заврши со верзија на песната The Prayer, во изведба на Селин Дион, Лејди Гага, Андреа Бочели и Џон Леџенд.

Концертот беше поделен на два дела, од кои првиот, во траење од шест часа се емитуваше преку „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“ и „ЈуТјуб“, а потоа следеше голем двочасовен концерт што го емитуваа трите најголеми американски телевизиски мрежи.

Американските комичари и презентери Стивен Колберт, Џими Кимел и Џими Фалон беа домаќини на шоуто.