Димитров ја прелета кампањата на Пендаровски: Честита на „Фејсбук“, во живо го нема


Заврши министерскиот состанок во рамки на „Берлинскиот процес“ во Варшава, следна станица – дома, напиша во петокот министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Од стартот на кампањата за претседателски избори, шефот на дипломатијата, кој до последен момент беше во тесна трка со Стево Пендаровски околу кандидатурата, наметна агенда на сите страни во светот, поради што го нема на собирите и промотивните настапи организирани од власта во пресрет на неделното гласање. Иако се врати дома, Димитров не се појави ниту на завчерашниот централен митинг на СДСМ во Скопје, каде што беше присутно целото партиско раководство, како и функционери од коалициските партнери во власта.
Впечатливото отсуство на министерот, кој нема членска книшка од СДСМ, но со ставањето потпис на договорот со Грција за името ги придоби симпатиите на социјалдемократите, предизвикува интерес во јавноста, особено што другите интерни противкандидати на Пендаровски (министрите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски) се активни на терен и секојдневно му даваат поддршка во обид да стигне прв до вилата на Водно.
„Единствената причина што министерот Димитров не учествуваше досега во кампањата на заедничкиот кандидат Стево Пендаровски е отсуството од земјата. Посетите во Вашингтон, Берлин и Варшава беа исклучително важни и тој мораше да присуствува на тие состаноци. Веднаш по изборот на Пендаровски, Димитров јавно напиша на ‘Фејсбук’ дека изборот меѓу Пендаровски и Силјановска воопшто не е тежок и му посака среќа“, тврдат најблиските соработници на министерот за надворешни.
Сепак, информациите од „Бихаќска“ велат дека и во највисоките кругови во партијата има незадоволство што во кампањата се испушта шанса да се покажат целосно единство и обединетост. Во таа смисла, се коментира и дека Димитров ниту еднаш лично не му се јавил на Пендаровски да го праша дали му треба помош, па ниту да му честита за изборот.
„Од друга страна, Шекеринска и Спасовски се тука цело време, на нив не им е тешко ниту да одат од врата на врата и да побараат поддршка за Пендаровски. Тука се и за митинзи, носат маички со слоганот што го користи Пендаровски“, брифираат нашите извори.
Министрите за одбрана, односно за внатрешни работи, се чисти партиски кадри, кои ги имаат минато сите скалила, поради што имаат висок рејтинг меѓу членството. Тие, сепак, набргу излегоа од трката за кандидат за претседател, затоа што анкетите што ги правеше партијата покажаа дека Пендаровски и Димитров најдобро минуваат кај непартиските членови.


Иако имаше гласови дека министерот за надворешни работи треба да биде награден со претседателска функција поради товарот што го зеде на свој грб со ставањето параф на промената на уставното име, СДСМ донесе одлука да истрча со кандидатот кој не успеа да победи во 2014 година, но е релативно чист во политиката и со тоа неподатлив за црна кампања. Во единственото обраќање преку социјалните мрежи во кое посочи дека Пендаровски е подобар избор отколку Силјановска, Димитров најпрво зборува за отворањето клучни перспективи за државата преку проактивна надворешна политика, лидерство и визионерски патриотизам, алудирајќи на договорот за името. Потенцира дека сега треба да ги искористиме шансите.
„НАТО-членството стана реалност. Има реална надеж на Самитот во Лондон во декември годинава да учествуваме како полноправна членка. Успехот од договорот со Грција, на кој му претходеше Договорот за пријателство со Бугарија, предизвика лавина од меѓународни честитки како одлична вест во морето на лоши вести. Овој позитивен бран ЕУ едноставно не може а да не го валоризира, доколку паралелно понудиме и доволно реформски аргументи. Последниот крупен реформски чекор беше проширувањето на надлежностите и изборот на Антикорупциската комисија. Сега Собранието треба да најде сили и да направи уште неколку реформски чекори. Пред сè, мислам на Законот против дискриминација и законско решение за иднината на СЈО и неговата досегашна работа. Вака подготвени, во јуни ќе имаме реална шанса да го фатиме европскиот воз. Должни сме пред идните генерации да направиме сè што можеме за да бидеме внатре. Не знам кога ќе поминува следниот. На тоа патување ќе мора да расте целото општество: политичарите, партиите, невладиниот сектор, медиумите, граѓаните… Ни требаат фер, мирни и демократски претседателски избори и избор на претседател кој ќе биде принципиелен партнер на Владата во реализацијата на историската цел. Принципиелен партнер, но и коректив на начинот на водење политика. Мислам дека изборот меѓу кандидатите, посебно меѓу госпоѓата Силјановска и Стево Пендаровски, нема да ви биде особено тежок. Со среќа, Стево“, напиша Димитров на „Фејсбук“.
Димитров првата недела од кампањата ја помина во Вашингтон каде што учествуваше на Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. Потоа замина во работна посета на Берлин и на крајот во Варшава каде што присуствуваше на министерскиот состанок во рамки на „Берлинскиот процес“, кој заврши во петокот. Ако Пендаровски ги добие изборите, тој ќе биде најмногу упатен да соработува со него, да договара надворешна политика и да дели амбасадорски функции.

Пендаровски: Логично беше да се појави на некој митинг

Пендаровски во вчерашното гостување на „Телма“ на прашањето каде е министерот за надворешни во неговата кампања, тој рече дека најверојатно има обврски надвор од државата.

„Логично е Димитров да се појави на некој собир, да даде поддршка. Јас тоа нема да го барам, принципите не ми дозволуваат да барам од некој аман заман кажи нешто за мене. Ние 20 години, сепак, сме работеле заедно“, рече Пендаровски.

Горан Адамовски