Крива Паланка блесна во новогодишен сјај
Со свеченото палење на новогодишната елка на Градскиот плоштад и вклучувањето на празничното осветлување, Крива Паланка синоќа го означи почетокот на празничниот период.
Илјадници светилки, детски насмевки и заедничко одбројување ја обележаа свеченоста, исполнета со новогодишни песни, музика и дружење. Подигнатите телефонски светилки создадоа симболично „ѕвездено небо“, а огнометот го заокружи празничниот миг.

Градоначалникот Сашко Митовски најави богата програма со забава, настани и изненадувања за сите генерации, со посебен акцент на најмладите. Новогодишниот базар, музичките содржини и детските претстави ќе бидат дел од празничните случувања во следниот период.

Крива Паланка минатата година го понесе епитетот „најдобро украсен град“, а годинава ја продолжува својата празнична приказна со уште повеќе сјај, магија и содржини за сите генерации.
Сограѓаните и посетителите се поканети да прошетаат низ украсениот град, да ги посетат новогодишните куќарки и да станат дел од новогодишната бајка на Крива Паланка.