Скулпторот Слободан Милошески со 16 дела од инокс пред германската публика во Диселдорф


 Шеснаесет скулптури од инокс, во кои се испреплетуваат светлината, одразот и перцепцијата на просторот, ќе бидат претставени на изложбата „Сензитивна интроспекција“ на македонскиот уметник проф. д-р Слободан Милошески, која денеска во 15 часот ќе биде отворена во галеријата „ART ROOM“ во Диселдорф, Германија.

Поставката опфаќа дела создадени во изминатите неколку години, во кои авторот го истражува односот меѓу скулпторската форма, материјалот и набљудувачот, при што одразот и светлината стануваат составен дел од доживувањето на уметничкото дело.

Во критиката посветена на изложбата, проф. м-р Страхил М. Петровски оценува дека скулптурите на Милошески не се затворени објекти, туку нестабилни целини што се менуваат во зависност од светлината, аголот на гледање и присуството на публиката.

Според него, поставката ја поместува вообичаената перцепција за скулптурата, претворајќи ја во процес на постојано појавување и исчезнување на формата. Материјалот не е само носител на значење, туку медиум преку кој се создаваат различни одрази и визуелни искуства, а гледачот станува активен дел од уметничкото дело.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година, а во 2009 година и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на вајарскиот оддел. На истиот факултет магистрирал во 2011 година, а докторирал во 2018 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата за скулптура.

Досега реализирал 40 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија, меѓу кои наградата за скулптура „Јордан Грабул“, доделена од Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура во мал формат „Димо Тодоровски“ во 2014 година, наградата за скулптура на ДЛУМ во 2020 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“, доделена од КИЦ – Скопје истата година.

Во неговото творештво се вбројуваат и повеќе скулптури поставени во јавен простор во Скопје, посветени на Живо Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев и Јоаким Крчовски, како и спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ. Автор е и на скулптурата „Муза“, наменета за фасадата на објектот „Стар театар“, на скулптури за фасадата на Министерството за надворешни работи, како и на делото „Секвенци на рефлексија“, поставено во Младинскиот културен центар.

Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 до 2025 година бил член на Управниот одбор на друштвото. Работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува функцијата декан.