Од Конески до Андриќ: Книжевните мостови на Весна Мојсова – Чепишевска
Книжевната теоретичарка, критичарка и универзитетски професор Весна Мојсова – Чепишевска има автори што ги чита, што ги проучува и има автори со кои, на некој начин, цел живот води разговор.Иако нејзиното научно истражување првенствено е поврзано со македонската литература и со делото на Блаже Конески, нејзината книжевна љубопитност ја води и кон творештвото на големиот југословенски и светски писател, добитник на Нобеловата награда за литература.

Нејзиниот повеќегодишен истражувачки интерес за Иво Андриќ резултира со низа струдии, а најновото признание е објавувањето на трудот „Андриќевиот разговор со Гоја: Од факт до фикција“, заедно со Иван Антоновски, во меѓународниот зборник „Виртуелниот Андриќ“, приреден од Бранко Тошовиќ. Двајцата се единствените автори од Македонија застапени во ова издание.
Ова е разговор за фасцинацијата што станува научна посветеност, за Андриќ како соговорник, за односот меѓу фактите и книжевната имагинација , но и за неочекуваните врски меѓу Андриќ, Конески и македонската културна меморија.

Вашето име најчесто го поврзуваме со истражувањето на делото на Блаже Конески. Како во вашиот научен свет се појави Иво Андриќ?
Преку моретохахаха…! И тоа на научен собир во Грац во 2011 година, во рамките на проектот што го води Бранко Тошовиќ уште од 2008. Оттаму произлезе мојата студија „Медитеранизмот на Иво Андриќ“. Ме привлече морето како можност човекот да излезе од тесниот свет во кој е затворен. Во неговиот патопис „Летајќи над морето,“ копнежот на поколенијата се собира во еден човек што го гледа морето. Андриќ го доживува и она по што копнееле другите пред него. А зарем еден таков копнеж или поточно едно пекање по морето што некогаш сме го имале не чувствува секој еден од нас? Ние Македонците, како еден од оние народи кои го изгубиле географскиот излез на морето, знаеме што значи да се страда од потајна клаустрофобичност и затоа толку силно го негуваме култот кон морето. И покрај тоа што Македонија може да се означи како еден мал, но мошне битен крстопат меѓу крстопатите среде опширниот медитерански глобус, останува таа неизлечива болест по морето.На тоа ме научи Конески. Од друга страна, колку луѓе патуваат во нас кога мислиме дека патуваме сами? И на ова ме научи Конески. Ме научи да го слушам тоа мноштво во еден глас.
Што ве фасцинира кај Андриќ и што веќе од 2011 година Ве држи посветени на истражувањето на неговото дело?
Ме задржува прашањето кој ги памети луѓето што не ја пишуваат историјата, а мораат да ја поднесуваат. Во 2012 година, токму во Вишеград, го претставив трудот „Мостот на Дрина или текстот и градот“ повторно како дел од проектот на Бранко Тошовиќ, во рамките на симпозиумот што целиот беше посветен на Андриќевиот „Мостот на Дрина“. Ме интересираше како еден град живее во раскажувањето, како во него се вкрстуваат преданијата со личните судбини. Крај вистинскиот мост особено силно ја чувствувате разликата меѓу градбата што можете да ја допрете и животите што можете да ги сретнете само читајќи.На тоа читање му се вратив и во поговорот за македонското издание на романот во 2015 година. Го нареков „архив-дом“, зашто во него има место и за гласовите што не се согласуваат меѓу себе, и за луѓето што лесно би исчезнале зад историските датуми. При секое читање слушам некого кого претходно сум го одминала. Убаво е кога книгата ќе ве засрами за таков пропуст.

Дали во творештвото на Андриќ препознавате нешто што Ве потсетува на Конески во односот кон јазикот, историјата, традицијата и човекот?
Да, особено во начинот на кој историјата станува лично искуство. Во „Тешкото“ ја слушаме во тапанот и ја гледаме во телото што игра. Кај Конески и ритамот на стихот нè внесува во орото. Андриќ, пак, го следи менувањето на животот низ генерации. Во „Мостот на Дрина“ говорот на ликовите ни открива како тие го разбираат светот и како ги доживуваат неговите промени. Различни книжевни постапки, а во обата случаи наследеното станува нешто што човекот мора лично да го проживее. Минатото стигнува до нас со нечие лице и со нечиј глас.
Во студијата презентирана на симпозиумот во октомври 2025 во Мадрид под наслов „Андриќевиот разговор со Гоја: од факт до фикција“, заедно со Иван Антоновски ја истражувате врската меѓу историската личност и книжевната имагинација. Што ве предизвика во овој книжевен дијалог?
На минатогодишниот собир во Мадрид со колегата Антоновски го отворивме прашањето како историскиот Гоја станува книжевен соговорник на Андриќ. Во градот на Прадо, каде што Андриќ ги гледал Гоините дела, таа тема имаше особена близина. Од есејот „Гоја“ до „Разговор со Гоја“, при што првиот се исчитува како поетичка и есеистичка подготовка за подоцнежниот замислен разговор со сликарот, Гоја сè повеќе станува глас преку кој Андриќ ги испитува и сопствените уверувања за уметноста. Замислената средба му овозможува да го каже она што би останало неискажано во еден биографски запис.
Специфичниот придонес на трудот е во следењето на оваа трансформација на три поврзани рамништа – жанровско, идентитетско и епистемолошко – од документарно и културно знаење кон фикционално присуство и авторско самоогледување. Во овој труд се залагаме и за поимот „предвиртуелност“ кој е употребен строго како хеуристичка, а не како историско-технолошка категорија: тој ја означува книжевно создадената симулација на присуство со која Андриќ, без технолошко посредство, преку истражување, имагинација и стил го прави можен разговорот со одамна починатиот уметник. Завршниот дел го споредува овој авторски контролиран чин на фикционализација со современ замислен дијалог генериран од ВИ, при што одговорите на ChatGPT се третираат исклучиво како предмет на анализа, а не како извор за Андриќ, со нагласување на ризикот од псевдоцитат и од прикривање на границата меѓу факт, интерпретација и фикција.
Во овој проект продолжувате заедно со Иван Антоновски. Како се развиваше вашата соработка? Дали различните генерациски и истражувачки перспективи ви овозможија да откриете нешто што самостојно можеби немаше да го забележите?
Соработката со Иван Антоновски не е само околу овој труд. Го познавам од студентските денови, му бев и менторка на докторската дисертација, а нашата соработка со години се развива низ истражувањето и наставата по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Продолжува и во уредничката работа, во грижата како едно дело да стигне до читателот. И од една релација меѓу професорка и студент израсна во вистинска соработка во која и двајцата треба да го испочитуваме мислењето на другиот и да дојдеме до усогласување и до поентирање со заеднички ставови.
Кога пишуваме заедно, и јас треба да објаснам зошто некоја реченица ја разбирам токму така. Титулата не ми го завршува тој дел од работата. Кај најраните творби на Конески, на пример, треба да внимаваме подоцнежната величина на авторот да не ни го сокрие младиот Конески што го барал својот израз. Од македонската книжевност носиме и прашања со кои му пристапуваме и на Андриќ, а потоа неговото дело нè враќа кон нашите автори со поинаков поглед. Со колегата Антоновски можам да споделам и прашање за кое сè уште немам оформен одговор. Тоа е доверба што се гради со години. Во таквата соработка човек си дозволува и да се предомисли, а тоа понекогаш е потешко кога долго си се занимавал со еден автор. Различните читателски и генерациски искуства стануваат плодни кога ни помагаат да забележиме што и зошто сме престанале да прашуваме. Заедничкиот потпис има смисла кога и двајцата сме виделе нешто што ако сме го работеле сами, тогаш најверојатно би го одминале.Грижата за македонската книжевност подразбира и доверба во луѓето што ќе ја читаат по нас. Ќе забележат нешто што нам ни се провлекло, ќе оспорат нешто што сме го сметале за конечно. Мене ми е професорска радост што поранешниот студент денес е колега со свој авторски глас, од кого и јас имам што да научам. Што би постигнала како професорка ако од него очекував само да се согласува со мене?

Што за вас значи фактот дека македонски научен труд, и тоа објавен на македонски јазик, е дел од меѓународниот зборник „Виртуелниот Андриќ“? Дали ова е и можност македонскиот јазик да стане активен учесник во меѓународниот научен дијалог?
Светот има што да научи и на македонски. Во „Виртуелниот Андриќ“ на македонски ја разгледуваме разликата меѓу книжевната имагинација и машинското имитирање авторски глас. Тоа е прашање што ги засега читателите на секој јазик. Вештачката интелигенција ни дава и нов повод попрецизно да зборуваме за авторството, за изворот и за одговорноста за напишаното.Мене ми е важно македонскиот да учествува во создавањето сознанија за теми што допрва ќе нè преокупираат. Така ние им овозможивме на Андриќ и Гоја да разговараат и на македонски. Нашите побарувања за пребарувања се напишани на македонски. И ChatGPT ни одговара на македонски. Некој колега може да го оспори нашето читање или да продолжи од него. Токму таа размена му дава вистинско место во научниот разговор. Јазикот добива иднина и кога на него ќе напишеме нешто што другите ќе почувствуваат потреба да го преведат.
Андриќ е нобеловец, автор со огромно меѓународно влијание. Како македонската книжевна наука може да придонесе за ново читање на неговото дело?
Еве го примерот со битолската „Травничка хроника“. Пишував за неа зашто сценското читање на Битолскиот народен театар отвори прашања што повторно ме вратија на романот и ме внесоа во романот. И Битола е конзулски град, па приказната за Травник таму добива блиска историска позадина. Во претставата, публиката и актерите се затворени во своевиден кафез. Затвореноста на луѓето во сопствените културни светови така станува и телесно искуство на гледачот. Неудобноста ја чувствувате и самите, додека ги следите туѓите судири.
Таквото искуство има што да му понуди на самото проучување на Андриќ. Македонската книжевна наука може да објасни што открива една ваква средба меѓу романот, градот и театарот. Ако по тоа читање некој во друга земја повторно го отвори романот, тогаш и Битола веќе влегла во неговиот Андриќ.

Како Андриќ од историски факти создава универзална книжевна вистина?
Погледнете ја сцената со влегувањето на австриската војска во Вишеград, на која се задржав во читањето на „Мостот на Дрина“. Дури и војниците што пристигнуваат се плашат од заседа. Во градот, различните заедници стравуваат од различни опасности. Настанот е еден, но никој не го живее сосема исто. Токму тие разлики Андриќ ги внесува во раскажувањето.Тој го менува растојанието: од вековите се доближува до еден живот, до она што човекот го знае и она што не може да го предвиди. Ние веќе го знаеме историскиот исход, а сепак ја чувствуваме нивната неизвесност. Нашето подоцнежно знаење не може да им го одземе стравот. Тука човекот престанува да биде само пример за своето време и станува некој кого можеме да го разбереме и во нашето време.
Може ли технологијата да го симулира Андриќ, но може ли да го разбере?
Може да создаде впечаток дека го слушаме Андриќ. Веќе претходно споменав дека во нашето истражување побаравме од ChatGPT да состави замислен разговор меѓу него и Гоја. Добивме стилски убедлив текст, но во него се појави и исказ припишан на Андриќ за кој не најдовме потврда во текстовите што ги консултиравме. Токму тоа стана важно за анализата. Машинскиот одговор го проучувавме како создаден текст, а не како извор за Андриќ.За разбирањето би барала доказ во толкувањето: какви заклучоци извлекува од делото и со кои примери ги поткрепува? Ако машината предложи читање што може да се одбрани со текстот, вреди да го разгледаме. Ако понуди цитат, треба да можеме да го најдеме. Таквиот разговор може да ни помогне и нам попрецизно да ја поставиме сопствената претпоставка. Но проверката, изборот и одговорноста за објавеното остануваат наша работа. Од една сесија не би изведувала пресуда за сè што вештачката интелигенција може или не може да направи.Ме загрижува и нашата подготвеност да ѝ поверуваме токму кога ни го кажува она што сакаме да го слушнеме. Звучи уверливо, па уште и се согласуваме! Јас прво би ја побарала страницата. Зашто вештачката интелигенција може да ја состави реченицата, а ние да ѝ го дадеме авторитетот. Понекогаш од големиот писател бараме само потпис за сопственото уверување.
Вашето истражување продолжува и со новата студија за Андриќ во сеќавањата на Блаже Конески и Лазар Личеноски, најавена за претстојниот симпозиум во Париз, Стразбур и Марсеј што е планиран за јануари 2027. Што можат да ни откријат тие сеќавања за Андриќ што не го дознаваме во неговите книги?
Во семејно пренесеното сеќавање, Андриќ ги гледа македонските пејзажи на Личеноски и прашува дали земјата навистина е толку црвена. „Дојди па види“, му одговара сликарот. Македонија го предизвикува Андриќ да постави прашање. Сакам така да ја внесуваме во светот: со дело пред кое и големите имаат прашања. Тука го среќаваме и љубопитниот човек зад познатото писателско име.
Конески, пак, раскажува дека во 1946 година, Андриќ одбил да ја прочита „Тешкото“. Подоцна сè подобро го разбирал, зашто и самиот почнал да ги одбива почетниците што барале мислење за своите творби. Ме восхитува таа чесност: да го сочуваш и настанот, и сознанието дека со годините си се нашол на другата страна. Таквото сеќавање ни кажува нешто за двајцата писатели, но нè задолжува и нас. Колку сме подготвени така да ја прераскажеме сопствената приказна?

По петнаесет години истражување, дали Андриќ ви е поблизок, или напротив, сè уште ви поставува нови прашања?
Поблизок ми е, а токму затоа прашањата стануваат и понепријатни. Денес почесто се прашувам колку сме попустливи кон постапките на некој лик кога сме го разбрале неговиот страв. Каде завршува разбирањето, а каде почнува оправдувањето? Некоја страница ме засега таму каде што порано само сум ја разбирала. Андриќ ми го отежнува судењето. Веќе не ми е така лесно да си кажам: „Јас никогаш не би била таква“. По толку години читање, сè помалку можам да се сокријам зад таа реченица.
Каде продолжува вашето истражувачко патување со Андриќ?
Кон Охрид. Имено, догодина, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ станува домаќин на 19-от по ред симпозиум од проктот за Андриќ и тој ќе се одржи во Скопје, но и во Охрид. Со колегата Антоновски подготвуваме споредбено читање на охридските патописи на Андриќ и на Нушиќ. Меѓу нивните текстови има повеќе од половина век, а и два различни погледа кон истиот предел. Нè интересира и Охрид што се слуша. Кај Андриќ се довикуваат рибарите, кај Нушиќ одекнува песната на весларите. Во тие гласови е и трудот на луѓето што живеат крај езерото. Сигурно ќе најдеме и некаков „зачин“ од Конески по однос на овој наш нов предизвик хахаха… Ќе ги споредиме тие места за да видиме како човечкиот глас го менува доживувањето на пределот. Во Охрид често се враќаме поради глетката. Овојпат ќе одиме по гласовите.
И за крај, ако треба да издвоите една книга или еден текст на Андриќ што секој македонски читател треба повторно да го прочита, што би препорачале и зошто?
„Госпоѓица“. Пишувајќи за нејзиниот театарски и филмски живот на симпозиумот што се случи во Белград 2016, особено ме интересираше желбата на Рајка Радаковиќ да го зачува својот мал свет недопрен од сè што се случува надвор. Се случуваат атентат и војна, пропаѓа еден поредок, а таа би сакала историјата да ја одмине и парите да ѝ останат сигурни. Но и нивната вредност зависи од луѓето и од поредокот од кој се обидува да се засолни.Во тој поглед романот ме засега и денес. Секојпат кога велиме дека нешто не нè интересира или не нè засега, вреди да се запрашаме зошто сме препуштиле други да одлучат наместо нас. Би им ја препорачала на читателите со една мала замка: почнете ја книгата убедени дека Рајка е некоја друга. Андриќ има време да ве разубеди.