Парното греење поскапува за 7,56 отсто, во Скопје Север за 5,84 отсто, одлучи РКЕ. Новите цени се од 1 декември


Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која од 1 декември цената на топлинската енергија се зголемува во просек за 7,56 отсто за домаќинствата што се снабдуваат од ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика.

За корисниците кои се приклучени на мрежата на поранешна топлана Скопје Север, сегашна Енерџи Еколинк зголемувањето  е за 5,84 отсто.

Од РКЕ, поскапувањето на парнот го образложуваат со зголемената цена на природниот гас, што е резултат на  геополитичките случувања.

Со оваа одлука просечната сметка ќе се зголеми за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денари.

„Одлуката следува откако сите компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Градот Скопје доставија вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената на топлинска енергија, што беше донесена во јули, а е на сила од 1 август 2026 година“, се вели во соопштението до медиумите.

Во Градот Скопје близу 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.

Со претходните две зголемувања на цената на парнот греење, вкупното кумулативно поскапување (вклучувајќи ја и денешната одлука), изнесува околу 19,7 до 20 отсто за најголемиот дел од домаќинствата.

Во текот на 2026 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе три последователни одлуки за поскапување на топлинската енергија: првото поскапување беше од 1 јануари 2026 кога цената за домаќинствата се зголеми за околу 5 отсто, потоа од 1 август 2026 кога цената за корисниците на ЕСМ Снабдување порасна за 5,96 отсто. За корисниците на ЕСМ Енергетика зголемувањето изнесуваше 5,18 отсто, додека за поранешно Скопје Север (Енерџи Еколинк) беше 3,65 отсто. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадратни метри тогаш се зголеми од 2.353 на 2.493 денари.

Со денешната одлука на РКЕ, просечната сметка се зголемува за 188 денари и достигнува 2.681 денар.

Кога трите процентуални зголемувања се пресметуваат кумулативно (односно секое ново поскапување се пресметува врз веќе зголемената цена), вкупниот раст за корисниците на ЕСМ изнесува 19,67 отсто. Во апсолутен износ, просечната месечна сметка за стан од 60 квадратни метри од почетокот на годината порасна за околу 460 денари.