Корабоски не дојде на судењето за претепувањето на Сара. Ново рочиште закажано за 1 декември


 

Кристијан Корабоски не дојде на почетокот на судењето во Охрид за претепувањето на Сара Ѓорѓиеска. Но во судницата беше Ѓорѓиоска (26) со видлива модрица на десното око.

Корабоски (31) не дојде, но преку адвокатите побара изземање и на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.

Адвокатот на Сара, Ѓоко Шаин, рече дека неа не ја ни прашале дали сака да присуствува на судењето и да се соочи со обвинетиот, но таа инсистирала да присуствува на рочиштето и да ја каже вистината. Судењето се одложи за 1 декември.

Шаин информира дека барањата за изземање на судијката Поп Стефанија и судијата Клишески биле одбиени, а за барањето за изземање на претседателот на Основниот суд во Охрид треба да се произнесе Апелацискиот суд во Битола.

Барањето за изземање на јавниот обвинител и обвинителите од ОЈО Охрид, според образложението изнесено на рочиштето, било доставено до охридското обвинителство непосредно пред почетокот на расправата. До произнесувањето на повисокиот јавен обвинител ниеден од обвинителите од ОЈО Охрид не може да постапува по предметот.

Шаин оцени дека барањата на одбраната имаат цел да ја одолжуваат постапката и да се избегне одговорноста на обвинетиот.

Јавното обвинителство во Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, соопштија претходно од Обвинителството.

Нападот се случи на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Според полициските информации, на физичкиот напад му претходела расправија, која започнала во домот на обвинетиот, а продолжила во автомобил.

Ѓорѓиеска по нападот била хоспитализирана, а по отпуштањето од Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид биле извршени дополнителни медицински испитувања во Скопје.