Тошковски најави мерки за прославите на Денот на албанското знаме, нема да се дозволат инциденти


Фото: Б. Грданоски

Министерот Панче Тошковски порача дека полицијата е подготвена да одговори на сите предизвици и нема да дозволи инциденти. Тошковски им го честиташе празникот на граѓаните од албанската заедница и им посака да го поминат во мирна атмосфера, со семејствата и најблиските.

Повод за дополнителните мерки се и информациите и објавите на социјалните мрежи за можни инциденти за време на прославите. Министерот предупреди дека МВР нема да дозволи нарушување на јавниот ред и мир, ниту загрозување на безбедноста во сообраќајот, потсетувајќи на инцидентите што се случувале во претходните години.

Тој ги повика граѓаните кои ќе го празнуваат Денот на албанското знаме да го направат тоа во согласност со законските прописи и без да ја нарушуваат безбедноста на другите.

Денот на албанското знаме се празнува на 28 ноември, во чест на прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година, кога Исмаил Ќемали го истакна црвено-црното знаме во Валона.