Органски вино, јаткасти плодови и мед ќе се продаваат на биопазарот во Кавадарци
Органски вино, јаткасти плодови и мед ќе се продаваат меѓу другото на биопазарот во Кавадарци, информираа денеска од кавадаречката локална самоуправа.
Општина Кавадарци на 29 октомври објави јавен повик за доделување 15 продажни места на биопазарот во градот. Била формирана комисија за распределба на просторот за биопазарот, составена од претседател и двајца членови со право на глас, со учество на двајца надворешни стручни учесници без право на глас.
Комисијата ги разгледала пристигнатите пријави и документација, проверена била исполнетоста на условите, а се извршило оценување според критериумите: органски статус – до 30 бода, традиционален метод на производство – до 20 бода, потекло – до 20 бода, разновидност на понудата – до 20 бода, како и еколошка амбалажа – до 10 бода.
– По разгледување на доставената документација и предлогот на комисијата, градоначалникот одлучи како во диспозитивот на ова решение – се додава во описот.
На биопазарот ќе може да се купат и традиционален маџун, млечни и живинарски производи, преработки од овошје и зеленчук.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев претходно рече дека со реализацијата на овој капитален проект, Кавадарци добива современ, уреден и сертифициран простор, наменет за локалните земјоделци, органските производители и малите семејни бизниси, каде што директно ќе ги пласираат своите производи, без посредници, по фер цени и со поголема доверба кај потрошувачите.
– Инвестираме во здравјето на граѓаните, поддршката на домашните производители и развојот на одржлива локална економија – соопшти Јанчев.