„Ѕид на срамот“ и повик на револуција: Се заострува борбата за спречување на насилството на жените

Од „Ниту една повеќе“ им забранија на политичарите да доаѓаат на нивните протести. Мрежата го стави Панче Тошковски на „Ѕидот на срамот“


 

Зборовите исполети со ветувања од министрите не се доволни за Мрежата за заштита од дискриминација. Мрежата бара од спикерот на парламентот и министерот за внатрешни работи да го осварат она што го ветуваат по седумте фемициди оваа година и да бидат усвоени предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство до 10 декември. Мрежата побара јавно да се објават конкретните рокови за подготовка и доставување на измените на останатите седум закони до Собранието.

Во исто време неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ упати повик до граѓаните да излезат на протест, притоа објавувајќи забрана за присуство на партиски членови, како и на сегашни и поранешни министри и премиери.

Иницијативата ги нарекува политичарите „политички мршојадци“, „циници“, „морални отпадоци“…

Во повикот објавен на социјалните мрежи не му недостасува револуционерен речник и гнев и бес за она што се случува во земјава со насилствата врз жените и очајната реакција на институциите

„’Ниту една повеќе’ им забранува на сите партиски членови, сегашни и поранешни министри и премиери, партиски хиени, политички мршојадци, институционални паразити, бескичмени бирократи, циници, лицемерни профитери, политички лешинари, неоопортунисти, кафански полтрони, професионални лажливци, морални отпадоци и дегутантни душегубци да доаѓаат на протестите и да го претвораат феминистичкиот отпор во квази-партиски декор за сопствената политичка беда“.

Од „Ниту една повеќе“ ги повикуваат на улица сите граѓани и граѓанки кои се чувствуваат изневерени, понижени, повредени, обесправени и огорчени од системската негрижа и празните ветувања, за „да им покажеме дека ние сме слободата“.

Обраќањето завршува со револуционерниот повик „Смрт на фашизмот, слобода на народот“.

По претседателот на на Собрането, Африм Гаши, втор на т.н. „ѕидот на срамот“, што го иницира невладината Мрежа за заштита од дискриминација, се најде министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од невладината му забележуваат и упатуваат прашања до ресорниот министер зошто и по седум фемициди оваа година во Македонија, ниту една од предвидените измени на осум закони кои се однесуваат на спречувањето и заштитата од насилство врз жените и семејно насилство не е донесена.

„Седум фемициди. Осум закони предвидени за измени. Ниту еден досега не е изменет. Продолжуваме со нашиот „Ѕид на срамот“, упатувајќи јавни прашања до Панче Тошковски, министер за внатрешни работи“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму потсетуваат дека по случајот во Карпош, каде Ивана Јовановска и нејзината ќеркичка Катја починаа по пад од балкон беше формирана работна група за измена на осум закони чија цел треба да биде подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените.

Осум месеци подоцна во Собранието се предложени измени само на еден закон, но, ниту тие не се усвоени.

Оттаму го прашуваат министерот Тошковски каде се резулатите од работата за која е задолжен, како и штои презел за усвојување на законските измени во чија подготовка, како што велат од Мрежата и самиот учестувал.

„Како ќе обезбедите ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство? Формирањето работни групи не е резултат само по себе“, велат од невладината.

Оттаму му порачуваат на Тошковски: „Бараме рокови и одговорност, а не нови ветувања“.

Тошковски вчера во интервју за Канал 5 најави два нови проекта кои треба да придонесат во превенцијата и заштитата од семејно насилство.