Стотици илјади Американци без струја, одложени и откажани паради поради невреме на Денот на благодарноста


Њујорк – Екстремните временски услови денеска ги нарушија прославите на Денот на благодарноста за милиони луѓе низ Соединетите Американски Држави, проследени со огромни бранови долж брегот, силни бури и снежни врнежи.

Околу 280.000 потрошувачи низ земјата рано утринава останаа без електрична енергија, најчесто поради оштетени далноводи, покажуваат податоците на веб-страницата „PowerOutage.us“. Предупредувања за временски непогоди или за сериозни временски услови беа во сила за приближно 80 милиони жители, јави ДПА.

Најтешко се погодени Мисури, каде што падна обилен снег, како и источните сојузни држави Вирџинија и Северна Каролина. Вчера во близина на Сан Франциско, долж западниот брег се формираа огромни бранови, кои поплавија повеќе подрачја.

Во Њујорк, познатата парада на стоковната куќа „Мејсис“ по повод Денот на благодарноста по првпат е одложена поради предупредувањата за силно невреме. Како мерка на претпазливост, вонредна состојба е прогласена во делови од сојузната држава Њујорк и во целата сојузна држава Њу Џерси.

Прославата на Денот на благодарноста и хаосот во сообраќајот

Денот на благодарноста е еден од најважните национални празници во САД. Меѓу традиционалните јадења што се служат на празничната трпеза се печена мисирка со сос од брусница, како и пире од слатки компири прелиено со стопени колачиња од бел слез.

Милиони луѓе патуваат за да ги посетат своите семејства, што предизвикува големи сообраќајни метежи. Многу патници во авионскиот сообраќај се соочија со доцнења. Од вчера до сега низ земјата се откажани околу 450 летови, а повеќе од 6.000 доцнеле, според податоците на веб-страницата за следење летови „FlightAware“ и телевизијата Си-Ен-Ен. На многу места беа затворени и патишта.

Поплавени крајбрежни подрачја на западниот брег

Бранови високи неколку метри удираа во морските насипи и поплавија голем број крајбрежни подрачја, предизвикувајќи штети на инфраструктурата. Во крајбрежниот град Пасифика, во близина на Сан Франциско, дел од дрвениот пристанишен мол, кој претходно беше затворен поради дотраеност, се урна во Тихиот Океан.

На луѓето што планирале да се движат долж брегот им е препорачано да одржуваат безбедно растојание од поплавените подрачја. Многу плажи се затворени, а привремено е затворено и крајбрежното шеталиште во Сан Франциско, популарно меѓу туристите, поради поплавите.

Необично високото ниво на плимата дополнително ја влоши состојбата. Градоначалникот на Сан Франциско, Даниел Лури, им понуди на жителите вреќи со песок за заштита од поплави и ги повика да избегнуваат непотребни патувања.

Њу Џерси прогласи вонредна состојба

Предупредувања за бури и обилни врнежи беа во сила и на источниот брег. Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, ги повика жителите, доколку е можно, да патуваат ден пред Денот на благодарноста, бидејќи се очекува невремето да биде посилно на самиот празник. Таа рече дека очекува бројни затворања и пренасочувања на патиштата.

Шерил прогласи вонредна состојба на целата територија на Њу Џерси поради невремето, со што се овозможува побрзо мобилизирање помош доколку биде потребна.

И жителите на американската престолнина Вашингтон преку предупредување беа повикани на претпазливост во одредени делови од крајбрежното шеталиште долж реката Потомак.

Парадата во Њујорк одложена за сабота

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, ги предупреди жителите за опасност од поплави во крајбрежните подрачја. Се очекува невремето што го погоди градот да го достигне врвот од попладневните часови до доцна вечерта на Денот на благодарноста, напиша тој на платформата Икс.

Тој ги предупреди возачите да не се обидуваат да минуваат низ поплавени улици, бидејќи силните налети на ветерот можат да урнат гранки и далноводи.

Многу луѓе планираа да присуствуваат на традиционалната годишна парада на „Мејсис“, на која има огромни балони, но како мерка на претпазливост таа беше одложена за сабота. Балоните, кои веќе биле внимателно надуени, морале повторно да бидат издишани, на разочарување на многубројните набљудувачи, објавија локалните медиуми.

Според правилата на парадата, балоните не смеат да полетаат доколку налетите на ветерот надминуваат 55 километри на час. За денеска се прогнозирани налети од 80 до 97 километри на час, соопшти службата за итни случаи.

Големите фигури исполнети со хелиум вообичаено лебдат над поворката, а со нив управуваат бројни волонтери што ги држат јажињата. Во парадата учествуваат и раскошно украсени платформи, дувачки оркестри, танцови групи и маскирани ликови.

Парадата на „Мејсис“ по повод Денот на благодарноста ја воспостави њујоршкиот синџир стоковни куќи „Мејсис“, кој првпат ја организирал во 1924 година. Првично наречена Божиќна парада на „Мејсис“, таа имала цел да го означи почетокот на сезоната на божиќно купување. Карактеристичните огромни балони во парадата биле воведени во 1927 година, заменувајќи ги живите животни што дотогаш биле дел од поворката.

Парадата во Филаделфија откажана

Популарната парада по повод Денот на благодарноста во Филаделфија, која се смета за најстара во САД, целосно е откажана. Организаторите на манифестацијата, која се одржува од 1920 година, соопштија дека безбедноста на гледачите и учесниците е приоритет.

И во Филаделфија, град на околу 130 километри југозападно од Њујорк, требаше да продефилираат огромни балони пред стотици илјади гледачи. Наместо парадата, ќе биде емитувана алтернативна телевизиска програма со поканетите изведувачи и гости, соопшти телевизијата „6abc“, која е организатор на манифестацијата.