Британка депортирана од Италија веднаш по слетување поради грешка на EES системот


Британка пристигнала во Италија по повод 60-тиот роденден на нејзиниот сопруг, но наместо тоа, завршила во полициско возило и ја депортирале.

Пола Пју од Норфолк штотуку пристигнала во Реџо Калабрија (град во Јужна Италија, спроти Месина) со лет на Ryanair од лондонскиот „Станстед“ аеродром, со намера да го прослави јубилејниот роденден на својот сопруг.

Меѓутоа, веднаш по слетувањето, граничните службеници ја издвоиле настрана. Ѝ соопштиле дека го надминала дозволениот престој од 90 дена во Шенген-зоната.

Системот Entry-Exit System (EES) на ЕУ едноставно не го регистрирал нејзиниот претходен излез од зоната.

Иако таа укажала на фактот дека штотуку слетала со лет од Обединетото Кралство, властите одбиле да ја исправат грешката на системот.

„Истечен ви е дозволениот престој“, ѝ рекле, на што таа одговорила: „Тукушто слетав од авионот на Ryanair што долета од Станстед. Се разбира дека не ми е истечен престојот. Машината мора да направила грешка“.

Потоа италијанските службеници ладно ѝ рекле: „Аха, така ли, ајде наваму“, и ја сместиле во полициско возило со придружба.

Ја однеле до најблискиот аеродром од кој имало летови назад кон Обединетото Кралство. Никогаш не ја видела прекрасната Реџо Калабрија.

Експертот за патувања, Сајмон Калдер, во својот поткаст „Travel Expert“ објасни дека жената била спроведена до авионот пред очите на сите останати патници. Истакна дека таа „не направила ништо погрешно, а сепак ја качиле во авионот“.

Службениците му го предале нејзиниот пасош директно на капетанот на авионот и ја испратиле назад.

Потоа, како капак на сѐ, Ryanair ѝ наплатил трошоци за летот со кој била присилно депортирана.

The Mirror пишува дека се испратени барања за објаснување до повеќе италијански надлежни органи, но засега никој нема одговорено.

Нејзиното искуство се должи на системот за влез и излез на ЕУ (EES). Програмата бара од лицата што не се жители на Европската Унија да чекаат во ред на аеродромите и да користат посебни уреди за да влезат во 29-те т.н. шенгенски земји.

Станува збор за држави што ги укинале пасошките и граничните контроли на своите внатрешни граници. Ова опфаќа поголем дел од Европската Унија, вклучувајќи ги Германија, Франција, Италија и Шпанија.

Покрај жителите на Обединетото Кралство, овој проблем со EES го имаат и граѓаните од земјите на Западен Балкан.

Настанот со г-ѓа Пју покрена лавина дебати во Британија за придобивките од Брегзит.