Фондот за здравство со нови петгодишни договори со приватните здравствени установи


Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска ги утврди формата и содржината на новите договори за купување здравствени услуги со приватните здравствени установи, кои ќе се применуваат од 1 јануари 2027 година.

Како што информираат од Фондот, новите петгодишни договори се склучуваат по завршувањето на сеопфатниот процес на преговори со претставниците на приватните здравствени установи.

Со нив, како што посочуваат, се обезбедува континуитет во здравствената заштита на осигурениците, поголема стабилност и предвидливост во работењето на здравствените установи, како и унапредување на меѓусебните права и обврски.

Преговорите се одвивале одделно за секоја здравствена дејност, со активно учество на номинираните претставници на давателите на здравствени услуги.

Во текот на дијалогот Фондот ги разгледал доставените предлози и барања прифаќајќи ги решенијата што придонесуваат за подобрување на условите за работа, поефикасно обезбедување здравствени услуги и унапредување на здравствената заштита во рамките на важечката законска регулатива.

Меѓу најзначајните новини во договорите е зајакнувањето на механизмите за заштита на осигурениците од неоснована наплата, фактурирање неизвршени услуги и ограничување на правата од задолжителното здравствено осигурување.

Предвидено е и поедноставување на административните постапки и проширување на дигиталната комуникација меѓу Фондот и здравствените установи. Ќе се укинат некои од досегашните хартиени обврски, а ќе се прошири функционалноста на веб-порталот на Фондот, со што треба да се намали административниот товар и да се заштеди време.

Нова мерка е и воведувањето механизам за ставање во мирување на факсимилот на здравствениот работник веднаш по истекот на важноста на лиценцата за работа. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 јуни 2027 година.

Со новите договори се ревидираат и договорните казни. Некои од казните ќе бидат намалени, за одредени повреди ќе се воведат опомени, а ќе се заостри одговорноста за посериозни неправилности, особено кога се загрозени правата на осигурениците.

Дополнително, попрецизно ќе се регулираат обврските за доверливост и заштита на личните и здравствените податоци на осигурениците.

Од Фондот посочуваат дека со завршувањето на преговорите не завршува и дијалогот со здравствените установи. Во првиот квартал од 2027 година е предвидено формирање заедничка работна група со претставници на Фондот и релевантните партнери, која ќе продолжи да ги разгледува доставените предлози и иницијативи за унапредување на системот на здравствена заштита.

Работната група ќе ги разгледува и можностите за понатамошно нормативно уредување на предложените решенија.

Од Фондот велат дека со новите договори се прави чекор кон посовремен и поефикасен модел на купување здравствени услуги, заснован на партнерство, јасни правила и меѓусебна одговорност, со цел обезбедување стабилен здравствен систем и сигурна, достапна и квалитетна здравствена заштита за осигурениците.