Во Истанбул турско-руски бизнис-форум со цел билатерална трговска размена од 100 милијарди долари
Турција и Русија се стремат да ја продлабочат својата соработка во областа на трговијата, енергетиката, градежништвото и туризмот во услови на тековните регионални процеси, при што официјални претставници на двете земји утре ќе се сретнат во Истанбул, јави весникот „Хуриет дејли њуз“.
Претстојната 20-та седница на Меѓувладината турско-руска комисија за економска соработка, со која копретседаваат турскиот министер за трговија Омер Болат и рускиот вицепремиер Александар Новак, ќе биде придружена со бизнис-форум со учество на компании од двете држави, додава весникот.
Се очекува форумот да се фокусира на поттикнување на билатералната трговија, заемните инвестиции, заедничките проекти и новите индустриски партнерства. Предвидени се и билатерални бизнис-средби (Б2Б) за испитување на можностите во енергетиката, туризмот, земјоделството и трговијата.
Билатералната стоковна размена забележа пад во последните години, делумно поради регионалните случувања и поконкретно војната меѓу Русија и Украина, забележува весникот, наведувајќи актуелни податоци за состојбата на трговските односи меѓу двете земји.
Според нив, извозот на Турција во Русија надминал 6,7 милијарди долари во 2025 година, додека увозот од земјата достигнал 42,4 милијарди долари. Вкупниот обем на трговијата се намалил за 6,5 проценти на годишно ниво на 49,2 милијарди долари во 2025 година во споредба со 52,6 милијарди долари во 2024 година. Во првите девет месеци од 2026 година Турција извезла во Русија стоки во вредност од 4,6 милијарди долари и увезла за 28 милијарди долари, со што билатералната стоковна размена достигнува 32,6 милијарди долари.
Двете земји си поставуваат за цел да ја зголемат својата трговска размена на 100 милијарди долари преку проширување на соработката.
Енергетиката зазема главен удел во турскиот увоз од Русија, при што минералните горива и сродните производи сочинуваат околу 70 проценти од вкупниот обем. Соработката е особено изразена кај нуклеарната електроцентрала „Акују“, што ја гради руската компанија „Росатом“, и гасоводот „Турски тек“, кој пренесува руски природен гас за Турција и Европа. Анкара планира да почне да ја користи електричната енергија произведена во АЕЦ „Акују“ во 2027 година, прецизира „Хуриет дејли њуз“.
Русија останува и најголемиот пазар за турските градежни претприемачи. Во периодот од 1972 година до септември 2026 година, турските компании реализирале 2.190 проекти во Русија со вкупна вредност од 103,3 милијарди долари. Турските инвестиции во Русија ги опфаќаат текстилната индустрија, банкарскиот сектор, туризмот, прехранбената индустрија, производството на електрични апарати за домаќинство, стакларството и градежните материјали.
Русија продолжува да биде и водечки извор на странски туристи за Турција. Бројот на руски посетители се зголемува од 4,6 милиони во 2021 година на 6,9 милиони во 2025 година, во споредба со 6,7 милиони во 2024 година, дополнува весникот.