„Музички крстопат“ во Битола од денеска до 30 ноември
Со шест фестивалски вечери, настапи на домашни и странски уметници и две изложби, од денеска до 30 ноември во Битола ќе се одржи 18. издание на Фестивалот на музика од светот, годинава под мотото „Музички крстопат“.
Фестивалот ќе биде отворен со концерт на Амира Медуњанин, една од најпрепознатливите интерпретаторки на балканската традиционална музика.
На 26 ноември ќе настапат македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски, кој живее и работи во Шпанија, и битолскиот бенд CODE 369.
На 27 ноември, на сцената на Народниот театар – Битола, ќе гостува групата Sarsale од Барселона, со програма во духот на фламенкото и шпанската музичка традиција.
Следниот ден, на 28 ноември, ќе настапи турската група Martenitsa, која ги поврзува турското музичко наследство и балканските ритми. На 28 ноември, во горното фоаје на Центарот за култура – Битола, ќе биде претставена и изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на уметницата Жаклина Николовска од Скопје.
На 29 ноември програмата продолжува со концерт на Битолскиот дувачки оркестар и Драган Мијалковски, во вечер посветена на безвременските мелодии и песните што поврзуваат генерации.
За овој настап се подготвува проширен ревиски состав со гудачки инструменти и околу 30 музичари на сцената. Аранжманите ги подготвува Дамир Имери, кој ќе настапи и како специјален гостин.
Завршната вечер, на 30 ноември, ќе настапат Елена Баклава, со нов музички материјал произлезен од нејзините музички истражувања во Турција, и грузиското трио Trio Mandili, познато по автентичните вокални интерпретации и традиционалните грузиски песни.
Фестивалот го организира НУ Центар за култура – Битола, со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Битола и партнери од приватниот сектор.