Трамп подготвува нови царини за ЕУ


САД би можеле да објават нови царини за увоз од Кина, Европската Унија и 14 други економии во наредните денови, објави „Скај њуз“. Точниот износ на царините, производите за кои би се применувале и датумот кога би стапиле на сила сè уште не се познати.

Се очекува Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) да ги објави резултатите од неколкумесечната истрага за прекумерниот капацитет и прекумерното производство во овие економии. Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека прекумерното производство, потпомогнато од владините субвенции, создава вишок на евтина стока што ги поткопува американските компании.

Истрагата е покрената согласно член 301 од Законот за трговија на САД од 1974 година, кој дозволува наметнување царини како одговор на дејствијата на други економии за кои САД веруваат дека им штетат на американските компании или трговија.

На листата се Кина, Европската Унија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Виетнам, Тајван, Тајланд, Малезија, Индонезија, Швајцарија, Норвешка, Сингапур, Бангладеш и Камбоџа. Европската Унија се смета за една економија во истрагата.

Не е јасно дали новите царини ќе ги погодат сите 16 економии подеднакво. Според извори запознаени со плановите, стапките би можеле да варираат од земја до земја, а Мексико и Норвешка можеби нема веднаш да бидат опфатени со новите давачки.

Доколку бидат воведени, новите царини би се придружиле на давачките од 10 до 12,5 проценти што САД ги воведоа претходно оваа година за увоз од десетина земји, како дел од посебна истрага за спроведувањето на забраните за увоз на стоки произведени со принудна работа.

Планираните нови давачки се дел од напорите на администрацијата на Трамп да ја врати пошироката царинска програма која Врховниот суд на САД ја прогласи за неуставна претходно оваа година.

Очекуваниот потег доаѓа откако републиканците ги загубија мнозинството во двата дома на Конгресот на неодамнешните среднорочни избори, а трошоците за живот беа меѓу главните прашања од кампањата.

Во јули 2025 година, САД и ЕУ се согласија за максимална вкупна царина од 15 проценти за повеќето стоки од ЕУ. За возврат, ЕУ ги укина царините за американските индустриски стоки. Договорот важи од 1 јули 2026 година.

Исклучок се челикот и алуминиумот, за кои остануваат царини до 50 проценти.