Андоновски: Македонија треба да стане место за развој на дигитални решенија и инвестиции со висока додадена вредност


Македонија треба да стане место каде што се создаваат дигитални решенија, се развиваат компании и се привлекуваат инвестиции со поголема додадена вредност, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски по учеството на конференцијата на Американската стопанска комора во Македонија (AmCham).

Во објава на Фејсбук по конференцијата, Андоновски истакнува дека амбицијата е овие цели да се претворат во конкретни проекти, при што клучен акцент треба да се стави на практични и ефикасни услуги за граѓаните и бизнисите.

– Имаме талентирани луѓе и домашни компании со меѓународно искуство. Наша задача е да обезбедиме предвидливи правила, сигурна дигитална инфраструктура и институции што постапуваат навреме – вели Андоновски.

Тој нагласи дека за инвеститорите и домашните компании се важни практичните аспекти на работењето, како времетраењето на административните постапки, можноста тие да се завршат онлајн и размената на податоци меѓу институциите.

-Затоа ги поврзуваме дигиталните услуги со административните реформи, кибербезбедноста и усогласувањето со европските правила – посочи министерот.

Според него, преку иницијативите „Везилка“, „ДИГИТМАК“ и „ИННОФЕИТ ЕДИХ“ се отвораат можности и за малите компании да користат вештачка интелигенција, да развиваат нови производи и да ги унапредуваат вештините на своите вработени.

-Во следните две до три години, успехот треба да го мериме со повеќе постапки што се завршуваат целосно дигитално, пократки рокови и повеќе компании што ги применуваат новите технологии – наведе Андоновски.

Министерот Андоновски потенцира дека очекува силно партнерство со бизнис-заедницата во во утврдувањето на пречките, развојот на кадри и креирањето решенија што ќе имаат практична примена.