СНС на Вучиќ не сака да има членови во парламентарните комисии


 

Српската напредна партија (СНС) донесе одлука да не учествува во работата на парламентарните комисии на новото собрание. По оваа одлука  претседателот на парламентот, Александар Чупиќ, им достави на пратениците предлог за одлука за избор на членови и заменик-членови на овие работни тела, меѓу кои, покрај претставниците на Студентската листа, има и претставници на малцинските листи.

Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, на денешната собраниска седница објави дека групата донела одлука да не „учествува во работата на комисиите“ поради, како што изјави, „уривањето на сè демократско што постоеше во оваа земја“. СНС, всушност, го прекори новото мнозинство во парламентот што не ѝ доделило ниедно претседателство во работните тела.

Со оглед на оваа одлука на напредњаците, огромното мнозинство од предложените членови и заменик-членови на парламентарните комисии се составени од народни пратеници од Студентската листа.

Меѓу попознатите пратеници на Студентската листа во комисијата за внатрешни работи е Јово бакиќ, во финансии е Дејан Шошкиќ и за европски интеграции Александар Бауцал.

Од претставниците на малцинските листи, Ахмедин Шкријељ од СДА Санџак е предложен за член на Комисијата за уставни прашања и законодавство, Усаме Зукорлиќ од Партијата за правда и помирување за член на Комисијата за надворешни работи, Шаип Камбери од Албанската коалиција за член на Комисијата за човекови и малцински права и родова еднаквост, а Висар Мехмери, исто така од Албанската коалиција, за заменик-член на Комисијата за култура и информации.

Меѓу предложените членови и заменици-членови на парламентарните комисии, нема заменици од Сојузот на војводинските Унгарци.