СДСМ бара итна собраниска седница за заштита на жените


Фото: Б. Грданоски

 

Опозицискиот СДСМ бара итна седница на Собранието, на која без политички калкулации ќе се расправа за насилството врз жените и семејното насилство. И да се побара одговорност од секој кој направил пропуст во постапувањето и да се испорачаат конкретни мерки за превенција и заштита.

„Ги повикуваме сите пратеници во Собранието да застанат зад оваа наша иницијатива, да ја потпишат и да се свика итна седница. Во Македонија жените повеќе не страдаат само од раката на насилниците – страдаат и од институционалниот молк и неказнивост. 

Сведоци сме на бројни насилства врз жени и убиства, зад кои стојат претходни пријави, барања за помош и институционални пропусти. 

17-годишнта девојка Билјана од Богданци – убиена и покрај активната забрана за приближување. Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје – не ја дочекаа помошта, не добија заштита и покрај бројните пријави.

Насилникот кој ја претепа до бессознание Сара во Охрид првично беше пуштен да се брани од слобода. 

Ова не се изолирани инциденти – ова е доказ дека системот не ги штити жртвите“, велат од СДСМ. 

Оттаму додаваат дека постапките не водат до одговорност на високите раководни позиции во МВР. Вината е префрлена само врз обичните полициски службеници. 

Во последните две години се регистрирани 13 фемициди – 6 во 2025 и 7 во 2026 година.

Во 2025 година во МВР биле евидентирани рекордни 4.745 пријави од жени и поднесени над 1.000 кривични пријави, додека центрите за социјална работа регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство.

Во првите десет месеци од 2026 година, бројот на пријави е зголемен за над 70%, а поднесени се 1.450 кривични пријави – зголемување од 50% во однос на истиот период минатата година, додека Министерството за социјална политика сè уште до денес ги нема јавно објавено полугодишните податоци за 2026 година.

До надлежното јавно обвинителство се поднесени речиси 2.500 кривични пријави за овие две години.  Но, клучното прашање на кое јавноста сè уште нема одговор, е за колку од нив е поднесен обвинителен акт и има судска завршница. 

Од партијата велат дека има неколку работи кои Собранието може да ги направи. Прво, во најкус можен рок да се донесат заклучоците од Надзорната расправа, која се одржа во јуни-јули. А потоа, да се разгледаат барањата на граѓанските организации кои што работат на оваа проблематика за измена на осумте закони.