Министерката Јаневска проверила – студентскиот оброк треба да биде 156 денари

Има веќе три тужби до Управниот суд за Министерството за образование. Јаневска уште дава неодредени одговори за студентскиот оброк


Фото: Б. Грданоски

 

Колкав ќе биде надоместокот за студентскиот оброк уште е отворено прашање, со оглед на тоа што различно се толку законот, а министерката за образование Весна Јаневска, денеска појаснува дека според последните податоци земени од Заводот за статистика, тој би требало да изнесува 156 денари, ако се земе превид инфлаццијата. 

„Прресметките  што ние ги правевме на стапките објавени од Завод за статистика се, точно вчера проверив, тоа се 156 денари. Но, Законот е недоречен, а правниците тврдат дека тоа е така и оттаму неусогласеност и двојното толкување на законот. Веќе има пристигнато три тужби во Министерството од Управниот суд. Постапката е во тек. Како ќе одлучи судот, ние така и ќе постапиме“, рече Јаневска. 

Тужби се поднесени од Форумот за образовни промени, од Левица и од Либерално-демократската партија.

МОН и власта штедат на грбот на студентите, обвинуваат од Левица

Според соопштението на Левица, студентите се оштетени за околу 400 милиони денари поради неусогласувањето на износот на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата. Од партијата го отфрлаат образложението на министерката за образование и наука дека во Законот не е прецизирано кој треба да го изврши усогласувањето.

„Членот 2 од Законот за субвенциониран студентски оброк експлицитно предвидува усогласување на износот со инфлациската стапка по секоја фискална година, а пред донесувањето на Буџетот за следната година, додека членовите 3 и 13-а токму Министерството (за образование и наука) го задолжуваат за надзор над спроведувањето на Законот“, наведуваат од Левица.

Оттаму додаваат дека веќе поднеле тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради непостапувањето на Министерството за образование и наука (МОН). Партијата потсетува дека парламентарното мнозинство веќе ги одбило предложените законски измени што тие ги предложија во септември годинава, како и амандманот во рамките на расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Од партијата најавуваат дека повторно ќе поднесат предлог за измена на законот, а веќе, велат, имаат поднесено амандман на предлог-буџетот за 2027 година.

На темата се разговарало и со Студентското собрание на УКИМ

„Вчера имав средба со новиот претседател на релевантното Студентско собрание на УКИМ, бидејќи таму имаше промена на раководството. Ние вчера се запознавме, но и разговаравме на темата, затоа што тоа е значајна. Се договоривме, во овој момент, ние ќе го исплаќаме редовно, она што ни е законска обврска, 140 денари, а од нив ќе чекаме одговори“, рече Јаневска  прашана за средбата со студентите.

Како што појасни министерката, студентите предложиле „уште еднаш да направат анкета, разговор, дискусија со поединечните студентски собранија на факултетите, да добијат од нив одговор дали го прифаќаат овој модел, потоа да ги сублимираат резултатите и да дојдат во Министерството да ни ги соопштат“.

„Во меѓувреме јас ќе организирам уште една средба со сите претседатели на универзитетски студентски собранија на факултетите, кои претходно беа во тек со ова, за да видам какви се нивните одговори. Побарав тоа да биде на писмено доставено до МОН, за да немаме некои недоразбирања, при промена на раководството, на пример. Покрај резултатите кои ги чекаме, тие на првата средба изразија задоволство од моделот кој Владата им го нуди. Ние веќе формиравме работна група која го обработува овој модел. Идејата е дека Владата ќе распише повик за да се пријават што е можно повеќе оператори за храна и во тие што ќе бидат избрани условите нема да бидат најстроги, но ќе бидат задоволителни за да биде безбедно тоа и квалитетно што го нудат. Кога ќе бидат одбрани тие оператори, тогаш со една апликација на мобилниот телефон, која студентите ќе ја имаат, а ќе ја изготви владата, тие во вредност од студентскиот оброк, храна, не друго, храна, тоа што ќе го купат, ќе добијат 20 отсто попуст. Но, во истата продавница или пекара или ресторан и она што ќе го платат со сопствени пари ќе добијат 20 проценти попуст“, објаснува Јаневска.

Поддршката за дневниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, (односно за 60 денари) се предлагаше со амандман при вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, за што се бараа дополнителни 200 милиони денари, или околу 3,25 милиони евра, но пратениците од владејачкото мнозинство не го прифатија. (Б.Б.)