Отворен конкурсот за годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија


Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) го распиша конкурсот за традиционалните годишни книжевни награди за дела објавени во 2026 година.

Како што соопшти ДПМ, конкурсот е отворен за наградите „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Димитар Митрев“ за најдобра книга од областа на критиката или есеистиката и „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците на заедниците во државата.

Право на учество имаат активните членови на ДПМ, кои треба лично или по пошта да достават по четири примероци од делото во просториите на Друштвото.

Од ДПМ информираат дека конкурсот ќе трае до 23 декември во 15 часот. Ќе можат да конкурираат и дела отпечатени во периодот од 23 до 31 декември 2026 година, доколку авторот или издавачот достават потврда од печатницата дека изданието е објавено во наведениот рок.

Конкурсот се спроведува согласно Статутот на ДПМ, како и Правилникот и Деловникот за работа на жири-комисиите за доделување на годишните награди.