Изложба за 30 години творештво на академскиот сликар Билгаип Кочиште-Биге
„Јубилеј 30 години“ е насловена изложбата за три децении творештво на академскиот сликар Билгаип Кочиште-Биге, која, во организација на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена вечер од 19 часот во Чифте амам.
-Пред нас како публика се распостила целата животна инспирација и теми на интерес на авторот, со дела кои датираат заклучно со актуелната 2026 година, прикажувајќи ни тематски истражувања низ уметничките форми на ликовен израз на пејзажи, портретни решенија, фрагменти од секојдневието… Тој нема само една определба во неговото ликовно претставување, се движи помеѓу границите на антонимите на видливото и невидливото, фигуративното и апстрактното, светла и темна гама, придушени земјени тонови, како и јаки експлозивни живи бои, сите овие крајности се присутни во неговите ликовни истражувања низ децениското творештво, посочува Елена Георгиевска-Иванова во освртот кон изложбата.

Посебно карактеристично, се додава во рецензијата, е тоа што авторот си игра и со текстурата при поставувањето мртва природа, преку интервенција со механичко гребење, одземање и додавање на бојата.
-Во неговиот сликарски израз наоѓаме одредени сличности со Алберто Бури и Антони Тапиес, со пејзажно апстрактните определби. Биге во неговиот творечки опус, иако почнува со фигуративното, во последната деценија се ослободува од тие прикажувања и се насочува кон асоцијативната апстракција. Понудениот избор за оваа изложба дава еден сеопфатен увид на неговиот творечки порив и мотив за преиспитување во рамките на сликарскиот медиум. Ова ново претставување ни дава пресек на неговиот опус и препознатлив манир на имплементација и реализација на авторовите замисли. Неговиот триесетгодишен творечки континуитет резултира со селекцијата на претставените дела од неговиот богат опус, препознатлив и со интересен пристап, наведува Георгиевска-Иванова за изложбата на Билгаип Кочиште-Биге.