Студентите од шест факултети се повлекоа од Универзитетското студентско собрание. Неговиот состав бил нелегитимен


Првиот студентски час во 2026 (Фото: Б. Грданоски)

 

Под површината изгледа дека нешто врие меѓу студентите.

Факултетските студентски собранија на шест факултети – ФЕИТ, ТМФ, ФИНКИ, ФДУ, ФЛФ и ФФОСЗ одлучија да ги повлечат своите делегати од Универзитетското студентско собрание.

Според соопштението потпишано од претседателите на студентските собранија на овие факултети сегашниот состав на УСС на УКИМ не е легитимен. Тие велат дека верификацијата на мандатите не била спроведена според исти критериуми за сите, Статутот на УСС УКИМ се прекршува, а факултетите не се еднакво застапени во телата на Универзитетот.

„Ова не е начинот на работа на едно студентско тело кое треба да ги претставува студентите на најстариот и најголемиот универзитет во државата, особено не на тело кое располага со јавни средства и има одговорност да работи во интерес на студентите.

Тајни постапки, притисоци, однапред договорени одлуки, наметнување луѓе и распределба на функции зад затворени врати се спротивни на секој принцип на демократско и транспарентно студентско организирање.

До кога? До кога студентските тела ќе бидат простор за лични интереси, наместо глас на студентите?“, велат студентите од овие шест факултети.

Тие бараат јавно преиспитување на мандатите, еднаква застапеност за сите факултети и нова, транспарентна постапка за конституирање на собранието. Овие студенти бараат нова постапка за конституирање на УСС УКИМ со еднакво учество на сите единици и јавност во постапката.

Тие ги повикуваат студентските собранија од останатите факултети да им се придружат и да ги повлечат своите делегати.