Тргната забраната за пиење на водата од струшкиот водовод
Водата во Струга е чиста и безбедна за пиење, соопшти денеска јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Таквата одлука, како што информира претпријатието, е донесена по добиените резултати од анализите на примероци, кои покажуваат заматеност во границите на нормалата.
– Ве известуваме дека според резултатите од анализите на примероците на вода, од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Охрид, примени денеска е констатирано дека нивото на заматеност е во границите на нормалата. По повторувањето на ваквите резултати четврти пат по ред, се укинува забраната за користење на водата за пиење – соопшти ЈП „Водовод и канализација“.
Забраната за пиење вода од градскиот водовод во Струга беше од 16 ноември, поради заматеност над 1,5 НТУ од мерните места во градот.