„Пријателите на Западен Балкан“ се сретнаа во Атина. Пофалби за Македонија за дигитализацијата
Македонија има напредок во дигиталната трансформација и во усогласеноста со европската надворешна и безбедносна политика. Таква оценка даде гршкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис на состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина.
Герапетритис ја кажа само оваа реченица за Македонија:
„Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во неколку области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и аспекти на реформата на јавната администрација. Честитки, драг Тимчо“.
На состанокот присуствува македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Герапетритис нагласи дека проширувањето на Европската Унија треба да го задржи својот замав и дека е неопходно да се постигне суштински напредок, особено во актуелните нестабилни меѓународни околности.
Тој посочи дека и другите земји од регионот постигнале одредени резултати. Црна Гора ја оцени како успешен пример на европската политика на проширување, додека за Албанија рече дека ги отворила сите преговарачки поглавја и веќе затворила четири. Србија, според него, усвоила реформски мерки во областа на владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и изборната рамка, а Босна и Херцеговина и Косово презеле чекори во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Тој порача дека добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право се основни принципи на европската интеграција и предуслови за стабилноста на регионот.
Министерскиот состанок во Атина се одржува во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември. Грција најави дека ќе ги засили напорите за поддршка на европската перспектива на регионот, особено во пресрет на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година.
На маргините на состанокот Муцунски разговараше и со унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан. Според соопштението, соговорниците изразиле задоволство од развојот на билатералните односи и ја потврдиле намерата за продлабочување на соработката.
Посебно внимание било посветено на кредибилитетот и континуитетот на процесот на проширување. Муцунски ја поздравил поддршката што Унгарија ја дава за европската интеграција на земјите од Западен Балкан.